Нека се случи најубаво.
Има една куќа на крајот од моето маало која секогаш ќе ми навира чувства на нешто значајно.

Милиони денови поминаа откако прв пат ја протолкував првата реченица која ми беше кажана од љубов , од мило sт, од страст и од желба некој да ме чува во прегратки. Што е тоа што е значајно во прегратките сфатив прилично подоцна , и сеуште знам дека тоа што треба секој да го пронајде е скриено во треперењата од нечии прсти низ својата коса. Нека… животот секаде носи низ времето и секогаш ми оставал голем прашалник над мојата глава, зашто за некои нешта не треба да прашуваш –  туку да ги оставиш сами да останат така како што се.

Некоја година подоцна, откако ги оставив зад себе ластикот, брканицата, барбиките и сите останати играчки кои ги претворав во она што сум сакала да бидам, фрлајќи ги во некој агол од собата, пред мене поставив листови, блокови, моливи, бои, и едно големо платно… истото платно и ден денес е празно. Секогаш, пак кога и да поминев покрај едни стари искршени прозорци и врати заклучени од времето на Светска може и прва војна, едно куче ги чуваше рушените фасади и искривеното ѕвоно… е, таа куќа! Она- „Животот пишува романи“…  е тотално точно, но, зошто и ден денес не можам да го насликам старото платно и зошто и ден денес не можам да го разберам песот што дреме пред таа капија, и зошто таа куќа не е рушена, и зошто упорно ме потсеќа на нешто?

Пред некој ден, најдов слика кај баба ми во куферот пикнат под креветот и турнат толку многу , за да не се најде. Немаше ништо, само една стуткана слика, позади неа испишано „Чувај ми се, чувај ја , ќе се најдеме како и секогаш, во било кој свет. Година 1942“.

…………..

Не била од прва Светска војна куќата,  добро, од втора била… ама да, на сликата беше ќуќата со едни среќно вљубени, не ги препознав – поготово него, ама жената … нека остане само така, недокажано,  и мене така ме оставија -недоразјаснето.

Има една куќа на крајот од моето маало која секогаш ми навира чувства на нешто значајно. Празна е и никаква. Има и едно празно платно потпрено на ѕидот од мојата соба и оставено како казнето да не биде насликано. Не сакам да го оставам… нека се случи најубаво.

* Нестороска Мери

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПредлог-подароци за библиофили
Следна објаваЛежерен дом во светли тонови
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР