Уште едно врвно дело кое го потврдува прозното мајсторство на Венко Андоновски, еден од најдобрите македонски раскажувачи, ,,Папокот на светлината“ се најде во потесниот избор за престижната светска книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“. Наградата традиционално веќе дваесет години се доделува за најдобро прозно дело во четири категории: современа руска проза, странска литература во превод на руски, пропуштени ремек-дела и личност.

Прекрасната вест едногласно ја потврди жирито на 7 јуни во средата навечер и тоа во следниот состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински. Оваа година се избрани 30 номинации од 16 земји, а жирито во категоријата „странска литература“ се одлучи за овие осум наслови.

Тоа се следните романи; „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка) и „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски.  Олга Панкина, преведувачка, македонистка и една од најгласните промотори на нашата култура во Руската Федерација ја имаше честа да го преведе романот на руски јазик. Во 2017 година Андоновски беше номиниран за наградата за неговиот роман „Папокот на светот“, исто така во превод на Олга Панкина, но не се најде во потесниот избор.

Писателот Павел Басински, член на жирито за наградата изјави:

“Овогодишниот потесен избор е интересен не само поради разновидните високоуметнички текстови во одлични преводи, туку и поради географската широчина на опфатот. Застапени се сите континенти освен Австралија: Европа, Азија, САД, Латинска Америка, Африка. Ова е навистина глобален поглед врз современата светска проза во нејзината најдобра форма“.

НЕМА КОМЕНТАРИ