На овогодинешниот Саем на книгата кој се одржа во месец мај во Салата Борис Трајковски на штандот на ‘Извдавачкиот центар Три’, посетителите имаа ретка можност да присуствуваат на една многу интересна промоција проследена со музички перформанс каде македонската поетеса Наташа Сарџоска читаше песни од нејзината новоиздадена поетска книга “Часови по измама”, шестата во низата на богатиот поетскиот опус на нашата еминентна уметница. Сарџоска е поетеса, писателка, антрополог, полиглот, новинар, преведувач, перформер…

Авторка е на поетските книги;      ,,Сината соба”, ,,Кожа”,  ,,Жива вода”,  ,,Тој ме повлече со невидлив конец”,  ,,Крстна коска”. Нејзината поезија е препеана на повеќе светски јазици: италијански, англиски, српски, шпански. Застапена е во неколку антологии на поезија на македонски јазик и Антологија на еротската поезија. Сарџоска фигурира како една од најистакнатите и најплодни македонски поетски авторки.

Во контекст на авторската оригиналност на Сарџоска може да се забележи нејзиниот препознатлив сензибилитет како и шокантниот поетски израз со кој преку изнедрување на силните внатрешни чувства ги поместува границите на реалното и го пренесува  читателот во една друга духовна димензија.

Фото-кредит: Наташа Сарџоска 

Во потрага по својот душевен мир, слободата е исконски вдахновена во поезијата на Сарџоска.

_________________

Избор од три поетски творби од книгата ,,Часови по измама” од Наташа Сарџоска.

 

Час по измама

Одлучивме утрото да биде од свила: му ја фрливме нежна и стаклена

низ ноздрите.

Преку твоите плешки

се исцртуваат линиите од бојното поле, од минатото замки и заседи:

ти така си го запознал животот.

Но ти сега

пробојно и прободено го газиш езерското дно.

Од другата страна две деца не заплашуваат со змија што ја нема. Или ја снема. Нема сега ништо.

Такво е колебањето на илузијата.

Ти им рече

еве ја зад каменот

ене ја над сводот

ете ја во вирот.

И децата ти поверуваа и

упорно ја бараа.

Со прстите, слепечкум го допираа светот и сите негови

привиди и проблесоци и промени.

Таков е ритамот на животот.

Потем, ги собра останките

од твојата лична воена историја, светлината со својот нечитлив ракопис: твојата научена митологија.

Ти не се сомневаш. Сигурен си. Ти знаеш: немаше тука никаква змија.

Зашто само убодот нè учи толку јасно што е животот.

Ти им го одржа нивниот прв детски

час по измама.

______

Несовршена разделба

Porque el amor es siempre una cuestión de las últimas páginas.

(Joan Margarit)

Листот паѓа

како последен преживеан воин кој од бојното поле ги собира само распарчените зборови

од љубовната разделба.

Нему ништо друго не му е важно. Чека единствено да се случи точното чудо. (ко челуст на авион во пламен)

Отстрана нема никој да го види: само автопилот кој ја крева во живот

Надежта –

а не ја познава. Тој знае: тој последен очаен подвиг

ослободува.

И ниеден друг животен чин не се плаќа со толкава горчина. Ниту еден друг животен чин не е вреден за толкава

самотија.

Зашто љубовта е големан

е кога се раѓа туку кога умира.

 

____________

 

Линии

Мојот татко исцртуваше линија на оревовиот плакар

над мојата глава.

Ми го залепуваше ‘рбетот до таа цврста мирислива смола,

за да се исправам во животот

и потем заминуваше.

Тоа беше правата линија: првиот час по послушност.

Јас не знаев за поинаква.

Немав познавање од метафорите. А човечките игри на моќ ми беа туѓи.

Незнајно влегував во простории низ кои се исцртуваа црвени линии и зад секоја губев парче наивност.

Подоцна научив да чекорам врз нив или да ги заобиколувам одејќи по минско поле или газејќи по јајца:

од нив извираше нејасна забрана, или вистина за загубеното време

кое како месар го делкаше месото на оревовото дрво.

Научив преку болка дека душата постои и дека разочарувањето бара праволиниски ред, некаква подреденост.

Но животот е перфиден играч: поставува линии онаму каде што очекуваме свијоци и дупки онаму каде што мислиме сè е мазно.

Тогаш научив. Мојот ‘рбет стана прав и растеглив. Така јас пораснав над тие линии:

сега умеам да ги виткам дури и шуплините.

 

Фото-кредит: Наташа Сарџоска 

НЕМА КОМЕНТАРИ