Во Култутно информартивен центар – Скопје, Салон Империјал 2 на 20 јуни 2023 во 20:30 часот ќе биде поставена изложбата на фотографии на Жосеф Мариа Рибас Прус и Дамиан Диаконеску. 

НЕМ ДИЈАЛОГ НА ДВАЈЦА МАЈСТОРИ НА АНАЛОГНИОТ ПРИСТАП

 

Josep Maria Ribas Prous (Барселона, Каталонија), креативен фотограф – мајстор на црнобелата фото лабораторија. Првиот шпански автор одликуван со титулата Maître de la Fédération Internationale de l’Art Photographique (MFIAP, 1985). Ги добил признанијата: Уметник -AFIAP- (1976), Excellence -EFIAP- (1981), Master -MFIAP- (1985) и FIAP Excellence за дадени услуги -ESFIAP- (1991). Почесен член на различни фотографски друштва и салони, наведен од уметниците во фелата како еден од фотографите со најмногу национални и меѓународни награди. Неговото дело е изложено во 62 меѓународни музеи и приватни колекции низ светот.

Фото: Жосеф Мариа Рибас Прус

 

Меѓу темите на неговото творештво се издвојуваат уметничкиот акт, концептуализмот, пикторијализмот, пејзажот… Опишан како автор со непогрешлив стил, неговата уметничка кариера се заснова на постојаната потрага по убавото, кое го наоѓа во едноставноста на темата поткрепена со длабоко познавање на фотографската техника и хемиските процеси. Работел со пигментарни процеси и други историски благородни техники, дихромати, цијанотипија, солени принотви, албумен, бромоил, платинотипија. Сето тоа искуство е видливо на неговите совршени класични аналогни, рачно изработени позитиви. Дел од тоа мајсторство ќе може да се види на оваа изложба.

Наспроти него, го претставуваме Damian Diaconescu. Ако Рибас Прус е ѕвезда на светско ниво, Дамиан е недоволно познат и признат автор дури и во неговиот роден Темишвар. Не знаеме дали сме комотни да речеме-неправедно непознат. Секако, според неговите дела заслужува светска слава, ако се раководиме според нормите на мнозинството. Но дали овој маг, алхемичар ќе го пронајдел својот камен на мудроста доколку би бил откриен и светски познат пред 20 години? Како тоа ќе се одразело на неговиот скоро детски жар кон фотографијата? Ќе ги имавме ли овие неверојатни дела…

 

Фото: Дамиан Диаконеску

Во однос на пристапот, естетиката и односот кон визуелното, неверојатно интересно е да се види како двајца автори од различни делови од континентот, симултано, скоро истовремено работаат слични процеси, слична тематика, во различни културни контексти – со драматично различен израз.

***

☀️ Сонцето на медитеранот во Каталонија, долго време под закрила на Франко, произвело едни класични, слободно би рекле типично средноевропски видувања додека поткарпатието и отворената средноеврпоска рамнина, во Малата Виена под заштитата на Чаушеску, довело до еден можен правец на развој, да речеме на импресионизмот кој бил под силно влијание на медитеранското сонце. Рибас е ѕвезда и самоуверено се движи и изразува. Дамиан е скромен, интровертен, мистичен и фотографиите ги работи со свои хемиски рецептури за кои никој друг нема претстава, како се настанати неговите дела.

Со внимателно задлабочување во делата на двајцата автори, може да се слушне еден вечен паневропски дијалог, разговор за вечни теми, полн со ситни пецкања, дофрлувања, страст и жар во излагањето, но и многу потиснувања, кнедли во грлото, досетки и вицеви. Неверојатно ретко имаме можност да видиме вакви поставки кај нас. Веруваме, тоа што ќе го слушнете ќе ве допре и до некои од вас.

__________________________________

Изложбата ќе биде отворена до 30.6.2023

 

ФБ настан https://www.facebook.com/events/162493893478009/

ЈУ Културно информативен центар – Скопје

 

 

НЕМА КОМЕНТАРИ