Се повеќе млади жени и мајки докажуваат и покажуваат дека со вистинска посветеност, љубов и страст во она што го работат успеваат балансирано и квалитетно да ги спојат семејството и работата во една нераздвојна функционална целина. Весна Ѓуровска го докажува токму горенаведеното дека е можно да се биде супер-мама и во истовреме да се развива професионално во своите замисли. Таа е мајка на две прекрасни дечиња Максим и Ника, наставник е по физичко воспитување и танци во училиштето ‘Nova International Schools’ за дечиња од 3 до 7 год. Сопственичка на блогот ”Вкусни приказни” каде со со својата виртуозност прави вистинска уметност во чинијата. Нејзината приказна, која е повеќе од инспиративна и единствена од ваков вид во нашата земја, привлече огромно внимание и речиси стана неизоставен дел од секојдневието на многу од нас. 

👩‍👦‍👦 Весна со своите прекрасни дечиња. Фото: Приватна архива

 

Дивианартс: Весна, ќе ја откриете ли за нашите читатели/ки вашата тајна, на кој начин успевате толку успешно да правите баланс помеѓу семејството и работните часови.

 

– Со многу непроспани ноќи:) не знам дали е баланс во прашање или пак енергија што те движи напред, но знам дека на моменти не е баш лесно да си од секој аспект океј. Веројатно успехот се должи на моето лично чувство за среќа и исполнетост, а за тоа нема магична формула. Или ти е добро или не. Доколку во работата нема среќа и малку повеќе предизвик да сакате повеќе, треба веднаш да дадете отказ :) така и јас правев сè додека не ја најдов работата каде што се чувствувам креативна и своја. Тоа е тој порив што ме прави успешна.

Фото: Весна Ѓуровска 

Дивианартс: Секоја мајка тежи кон совршенство во одгледување на своите чеда, а се чини дека Вие тоа го правите на најдобриот можен начин. Како го започнувате работниот ден, дали имате постојан распоред.

 

– Мојот работен ден, скоро секогаш започнува пред 06 часот наутро со време за себе (читај: кафе со музика или тишина). После тоа ги будам децата и зависно од нивните обврски во училиште и градинка ми е распоредот. Во суштина тој распоред е ист, но знае да биде и различен доколку имам слободни денови од распустите. Се трудам да одржам рутина, ама и да сум флексибилна доколку е потребно. Далеку од тоа дека сè е совршено, но додека сум со нив времето со нив е совршено. Се трудам да сум своја и да ме видат во сите светка, да знаат дека мајка им не е стерилна ниту пак роб на навиките. Дека на моменти сум ужасно емотивна и не знам од каде да почнам. Ама и дека од друга страна работите знам да ги држам под контрола.

 

Дивианартс: Постои убедување дека здравата исхрана е скапа, а брзиот начин на живот и немањето доволно време не дозволуваат да си дозволиме здрави оброци. Што би им препорачале на денешните родители како да бидат практични и да заштедат од своето време.

 

Тоа е само мит и со сигурност тврдам Дека е така :) не може сезона домашно. зготвена храна да е поефтина од редовно јадење настрана, без разлика дали е fast food или ресторан. Да, штеди на време, има секако и бенефит од време на време социјализација при јадење на страна, но далеку од тоа дека здравата храна е скапа. Здравата храна е само одраз на одбран начин на хранење, а тоа е да приготвиш оброк од свежи намирници. Тоа е исто кака на некоја прабаба да и кажеме дека тоа што ќе го зготви е скапо и дека е попрактично да јадат настрана. Секогаш треба да имаме избор, но сметам дека треба да зготвеното дома по многу критериуми е супериорен избор над cè останато. Советот кој што и себеси си го давам е планирање на оброци и планер. И секако food recycling, Односно оброци од leftovers од претходниот ден. Нема фрлање на храна, штеди на време. Салати секогаш како додадок или пак како комбинација за главен оброк. Пролет е, треба сè веќе да е полесно :)

“Вкусни приказни” од Весна Ѓуровска 

 

Дивианартс: Неодамна  започнавте со организирање на интересни работилници во клубот ‘Brutalisk’ каде дечињата низ игра и песна се запознаваат со здравиот начин на исхрана. Колкав е интересот за ваков вид на концепт, кој е и повеќе од потребен во денешно време за правилен развој на генерациите кои доаѓаат.

Зачудувачки е дека кај нас има доста интерес за ваков интерактивен тип на работилници, на кои што децатго имаат главниот збор. А, уште поинтересно е дека децата имаат навистина интерес за истите. На работилниците сфатив дека има многу семејства кои навистина имаат познавања за дел од ставовите кои се обидувам да ги проширам помеѓу помладите. А, тоа е дека cè што внесуваме од храна е важно и дека навистина не е тешко да припреми е зготвена Домашна храна, особено доколку и децата се вклучат во процесот. Она што треба да им го дадеме на малите е слободата и довербата дека ќе бидат подобри од нас.

Ви претставуваме мал дел од Вкусните приказни создадени од вештите раце на Весна.

 

НЕМА КОМЕНТАРИ