На 27 април во 20:00 часот ќе се случи првата активност на “Артактум”  во соработка со Кинотеката на Македонија ексклузивно на големо платно ќе биде проектирана првата претстава од проектот ТЕАТАР НА ПЛАТНО – CAFÉ MÜLLER на легендарната Пина Бауш.

Доцент м-р. Искра Шукарова

Искра Шукарова беше истакнат солист при Македонската Опера и Балет од 1991-2010 год, каде реализираше бројни солистички улоги како дел од репертоарот на МОБ. Таа специјализираше современ танц на Националниот Конзерваториум Супериор во 1993 , Лион – Франција. Во 2002 година ги завршува Магистерските студии во Лабан Центар во Лондон- Велика Британија.

Шукарова има остварено повеќе битни работилници и професионални обуки во сферата на современиот танц со : Сузан Линке, Џо Алегадо, Мили Битерли, Миа Лоренс, Иван Волф, Јенифер Лејси. Таа има остварено бројни интернационални ко-продукции со Јошико Чума (Јапонија), Берт Гштетнер (Виена), Урсула Игли (САД) итн.

Во 2003 поканета е да го изведе своето соло Надвор од Тангента на фестивалот Танцтендензен во Германија, потоа настапува на 2-та Балканска Платформа во Букурешт- Романија и во Фивизано- Италија, каде што и е доделена наградата Златен Делфин. Нејзината продукција Оуч- Кауч 2005 е прикажана на интернационални фестивали во Сарајево (Театар Фест), Малме (Данстатионен), Софиа (Црвена Куќа), Белград (Дом Омладине), Драч (Интернационален Фестивал) и Даблин (Фестивал за современ танц) и други.

Во 2009 година Шукарова добива уметничка резиденција од страна на еминентниот кореограф Јозеф Наџ во неговиот кореографски центар во Орлеан- Франција за да го создаде делото Формула. Делото Формула е прикажано на повеќе интернационални фестивали во: Словенија (Глеј Театар), Италија (Интернационалн фестивал), Франција (Траверс фестивал), Хрватска (Тједан Сувременог Плеса), Турција (Иданс фестивал), Шпанија (Мес де Данза).

Шукарова има добиено повеќе грантови и уметнички престои, како на пример во Виена- Дансвеб и Њу Јорк- Артс Линк.

Шукарова ја направи програмата за часот по современ танц во 1994-1995 при МБУЦ- Илија Николовски – Луј, каде и предаваше во тој период.

Како уметнички директор на балетот при МОБ е ангажирана од 2002-2004 год.

Шукарова е еден од основачите на НВО Локомотива- Центар за Нови Иницијативи во Уметноста и Културата во 2003, каде е уметнички директор на програмата за современ танц. Таа е исто така еден од основачите на Балкан Танц Нетворк, како и неформалниот едукативен проект Номад Танц Академија.

Доцент м-р. Искра Шукарова од 2010 е професор на студиската програма по Балетска педагогија за класичен балет и современ танц при ФМУ.

__________________________

Пред почетокот Искра Шукарова накратко ќе нè запознае со некои интересни детали за Пина Бауш и нејзиното творештво.

Во современиот танц некои од нас ги доживуваaт претставите емоционално, други сакаат да си раскажат своја приказна, трети сакаат да го одгатнат смисолот на метафорите. Особено за овие третите, по “КАФЕ МУЛЕР” ќе посетителите ќе имаат можност  за заедничка дискусија и споделуваа на взаемните размислувања и чувства.

Пина Бауш

 

АРТАКТУМ е компанија основана од македонскиот режисер Иван Поповски и театарската продуцентка од Русија Татјана Дешко. Во време кога има многу мрак околу нас, единствен начин на ослободување на нашите глави е уметноста. Колку повеќе место во нас пополнуваме со убавина, толку помалку место им оставаме на стравовите и темнината.
Мечта и цел на ArtActUm e да донесе во Македонија значајни, интересни и моќни претстави од различни видови на сценската уметност, кои ќе создадат нова почва за размислување и уживање за тие што веќе го сакаат театарот. Се надеваме дека кругот на вљубеници во театарот постепено ќе се шири и ќе вовлече нови луѓе, коишто не се ни свесни што губат, не пуштајќи го театарот во својот живот. А и, многу би биле среќни доколку нашите проекти станат инспирација, поттик и провокација за создавање нови ремек дела. ArtActUm се отвора со проектот Театар на платно, кој на македонската публика преку проекции сака да ѝ ги прикаже култните, убавите, спорните, страшните и легендарните театарски претстави од целиот свет, кои го смениле театарот засекогаш.

Селектор на проектот Театар на платно на ARTACTUM е македонскиот режисер Иван Поповски, којшто ретко се враќа дома (Иван се враќа дома).

НЕМА КОМЕНТАРИ