1-k_,,Секоја приказна има најмалку две страни.”

Ако посегнувате по нешто крајно интригантно, непредвидливо и квалитетно, тогаш овој роман на Џилијан Флин е приказната која што ја баравте. Преведена како „Ејми ја нема“, оригиналот гласи „Gone Girl“ кој, иако третира исчезнување на една девојка, сепак не започнува така. Започнува со набљудувањето на нејзиниот сопруг, сконцентриран на нејзината глава. Кога Ник размислува за својата жена, секогаш се присетува на нејзината глава. Не затоа што тој смета дека нејзината глава е необична, убаво обликувана или пак голема, туку поради фактот што до него секоја ноќ заспива и секое утро се буди еден прекрасен лик, на таа глава. Совршен пар во совршен брак, зарем не би помислил секој?

„Постои нефер одговорност која паѓа на единецот во семејството – да пораснете знаејќи дека не Ви е дозволено да ги разочарате родителите, така што не Ви е дозволена ни смртта.“

Ејми не е само обична девојка, вели авторката. Ејми е онаков тип на дете поради кое нејзините родители стануваат писатели кои ја напишале една од најпопуларните приказни за златните девојки на Америка. Кој не би ја сакал оваа ѕвезда, кога практично сите пораснале со нејзината приказна? А што е Ник? Момче од Мисисипи кој успеал во Њујорк како писател. Барем до финансиската криза, која го тера парот да замине од Големото јаболко во провинција. Тој започнува да води бар, а таа глуми домаќинка… се’ додека таа не исчезне!

Сите сме ја виделе оваа приказна: „прекрасна жена исчезнува, а истрагата е во тек.“. Веста за исчезнувањето ја обиколува Америка, а нејзиниот сопруг, кој би требало да тагува, се појавува со насмеан и задоволен лик на вестите… дали ја убил? Каде е телото? Зошто би сакал да се ослободи од неа? Разумно, тој станува единствениот осомничен, а по наоѓањето на нејзиниот дневник, златната девојка не е така златна како што се чини… насилно претворање на навидум мирниот роман во трескавично мрачен, со доза на интимност и сомничавост која никогаш предходно не сте ја почувствувале. Сета напнатост на приказната прават од г-ѓа Флин психолошки, а не манипулативен мајстор на хартија. Да се создаде двоен портрет на маж и жена е навистина проклето величествен предизвик!

„Можете ли да си замислите, конечно да се покажете во вистинско светло пред Вашиот избраник, Вашата сродна душа и да не му се допаднете? Па тоа е начинот на кој нашата омраза започна. Размислував за тоа многу, и навистина, тука започна се’.“

За разлика од сите останати автори, Флин воведува длабочина во трилерот како жанр – нејзините ликови, па дури и оние маргиналните се крајно психолошки осмислени и реализирани, нема клише кое ќе му здодее на читателот или пак веќе виден концепт. Се’ уште разговараме за бракот? Ник и Ејми ќе докажат дека оваа приказна е одличен показател на модерниот општествен договор меѓу маж и жена, кој колку и да се претставува како идеална заедница зачната со љубов, сепак во својата срж крие дистописка и непријателска средина која умее да ги затруе душите на оние кои несреќно се нашле во истата… Ако веќе сте паднале во оваа стапица, „Ејми ја нема“ дефинитивно не е книга за Вас. Иако, сепак…

„Љубовта го прави тоа, да посакате да бидете подобра личност. Но… можеби љубовта – вистинската љубов, исто така, Ви дава дозвола да бидете личноста којашто навистина сте.“

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНеделен Хороскоп 01.06 – 07.06
Следна објаваНајголемиот хотел на светот ке се отвори во 2017 во Саудиска Арабија
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ