Харуки Мураками, чии безвремени литературни записи неретко се споменуваат како ,,врв на мелодрамата’’ за конзументите на четивата, е еден од најумешните книжевни дејци во портретирањето на суптилноста и длабочината на емоцијата, а покриени од превезот на меланхолијата. ,,Спутник љубов’’ е делото во кое Мураками, препознатлив во својата експресија, сензитивната тема за осаменоста и изолацијата ја поврзува, но и и ја препишува на неможноста на срцето и човечкиот дух да се пробијат од затворената школка, надвор кон светот. Чувството на загуба и минливост на љубовта го бои овој роман со ефективна емоција и евидентно сочусвтво дека секој еден од нас бил сведок или активен партиципиент, но воглавно, секогаш жртва на се’ освен взаемна љубов.
,,И тогаш сфатив. Ние двајца бевме прекрасни сопатници, но во крајна линија, ништо друго освен два осамени купа метал, од кои секој ја испишува својата патека. Оддалеку тоа изгледа прекрасно, како две комети. А всушност ние двајца сме само затвореници кои никаде не можат да заминат, затворени секој за себе. И дури кога орбитите на нашите два сателита случајно ќе се вкрстат, ќе се сретнеме, ете вака. Можеби и би можеле да си ги отвориме срцата еден на друг. Но, тоа би било само за делче од секундата. Веќе во следниот миг пак ќе бидеме во целосна осаменост. Се` додека еден ден не изгориме претворајќи се во ништо…”
Урбана Јапонија и круг на невозвратени љубови. Тројство од главни ликови, од кои Сумире, надежна писателка која успева со помош на стипендија и креативен импакт од нејзиниот единствен пријател, припадник на машката популација и истовремено наставник во основно училиште, со име К, кој е безнадежно вљубен во неа иако таа не ги споделува истите чувства. Случајно, кога на една свадба се запознава со Мју, Корејка која е малку постара од неа и започнува да работи како нејзина асистентка, Сумире сфаќа дека суптилно е привлечена од шармот на оваа жена и дека можеби, самата таа, колку и да не сака да прифати, дека е хомо по својата сексуалност… „Зошто луѓето мора да бидат осамени? Која е поентата на тоа? Милиони луѓе на овој свет, сите од нив со свој копнеж; но, сепак во своја изолација. Зошто? Дали Земјата постои единствено за да ја негува човековата самотија?“. Ненаметливи, необични и несозреани, тоа се одликите на протагонистите во ова ремек-дело на Мураками. Секој од нив е уништен од чувството на неисполнетост и потиштеност, наметната самотија и најтешката форма на страдање, општо позната како „најтешко е да бидеш во постојан контакт со оној кој не можеш да го имаш“, со кулминирање на заплетот во своевидна детективска приказна со примеси на трилер, имено, предизвикано од исчезнувањето на Сумире. „Сонувам. Понекогаш мислам дека тоа е единственото правилно нешто што сум способна да го направам“ – како што сателитите се заедно во бесконечноста на просторот, но никогаш не успеваат да се сретнат во една точка, така мултикомплекноста на карактерите и времето не дозволува овие три ликови да возвратат на афекцијата и односот.
„Во овој свет во кој што живееме, она што го знаеме и она што не го знаеме егзистира како сијамски близнаци: неразделни, во состојба на апсолутна конфузија“… Елоквентна проза која поттикнува нетрпение кон некој следен роман на Мураками – доколку важите за обожавател на неговите дела, не Ви е потребна препорака за читање: потребно е само истата да ја споделите со Вашата околина. Одличен вовед во неговите величествени приказни, „Спутник љубов“ ќе Ве натера да барате повеќе и повеќе!