Видливо отстапување од редицата класични и конвенционални љубовни приказни кои третираат чиста емоција во дежа ву и дежа вивенди облик и поради истата таа причина, истовремено се прифатени со скептицизам, недоверба и став дека „тоа се случува само на филм“. Но, првенчето на Мисо ветува многу уште со првата прочитана страница… Искрено кажано, оваа книга го привлекува вниманието и паричникот од основна причина што во определени моменти е нужна една љубовна сторија која би влијаела емпатично на сечија психолошка состојба. Стартно, првиот бестселер на овој автор кој доживува светска слава по повод својата се освен предвидлива содржина несомнено го заслужува своето место во историјата на модерната француска литература правејќи го Мисо гениј на пишаниот збор.
Откако ќе се прочита, се доживува своевидно разочарување врз база на очекувањата, затоа што насловот не ја третира клише-темата, туку се осврнува на вистинските животни вредности: семејството, психичкиот мир и ретката категорија на блискост што може да се роди меѓу луѓето. Поврзувањето на човечките судбини со наслови и текстови на познатите музички имиња секако ќе Ви ја задржат севкупната атенција. Мултикомплексноста на карактери и сочувството кое од фаза на никулец се преобразува во иманентен сопатник во времетраење на овие неповторливи страници, се доволен мотив за посветување на истите. Надминувањето на предрасудата дека „ова е само уште еден роман да Ви го пополни времето“, ќе направи да ѝ се извините на Вашата копија од оваа книга поради дисреспектот кој ѝ го нанесовте помислувајќи дека е медиокретски показател на модерната литература. Дали сте подготвени за летот кој психијатарот го прифаќа за да ја врати својата малечка, патолошки оштетена, ќерка дома?
Со примеси на мистерија, епитети на интригантност и моменти на љубопитна еуфорија проткаена низ Њујоршката панорама, „Затоа што те љубам“ е задолжителен трилер во Вашата колекција. Неслучајно, финалната страница на овој роман ќе Ве стави на мислење долго време откако ќе ја завршите – и без никој да Ве принуди, ќе го послушате советот на авторот кој величествено ја краси првата страница, сеуште заведени од импресијата на суптилно изведениот заклучок:
„Бидејќи таму каде што се љубиме, не е никогаш мрак…“