Дојди.
Лесно ќе ми ја препознаеш вратата. Да, веднаш ќе препознаеш која е моја. Обоена е со крв. Кај мене и крошната на дрвото цвета во боја на крв. Не барај недостатоци, не ти треба доказ дека ги има, зошто ги има и без твоето настојување да ги најдеш. Дали имам ѕвонче? Чуму ти ѕвонче? Ќе најдеш клуч високо над твојата глава, помеѓу третата и четвртата форма на срце од ковано железо, од твоја десна страна. Ќе отворев сама да сум таму. Ама пред да отвориш, ѕирни низ стакленцата. Нека се валкани од надвор, нема да те заразат со ништо. Ѕирни од претпазливост, зошто јас би направила така. Ѕирни да не ме видиш дека веќе те чекам.

.5.

Земи го клучот и слободно отклучи. Не заборавај да заклучиш. Провери дали имам некаква пошта околу вратата. Ако има, понеси ја нагоре по скалите. Ако нема, остави го само твоето писмо на ноќната масичка. Како, која ноќна масичка? Мојата соба е единствена на катот, мултифункционална. Во неа има и библиотека и кујна и спална. Има само една ноќна масичка, а мал милион книги. Разгледувај што сакаш, ама книгите не ми ги чепкај. Тие ми се свети. Те молам, отвори го балконот, нека се проветрее малку. Одамна не сум дома. Дозволи да те бакне ветрот на челото. Убав е погледот, нели? Плени тоа множество темно-црвени латици како обоени со крв. Би ти направила кафе да сум таму. Ако сакаш, направи си сам – секогаш имам кафе во висечкото креденче со потсетници залепени на истото. Ајде, напиши уште една. Потсети ме дека треба да се вратам.

Не стој на нозе, седни. Има ќебенце со боја на крв на мини-софата. Не ги допирај книгите, те предупредив еднаш. Немој да мислиш дека ако не сум таму, не знам дека ги погали оние што останале на софата. Прочитани ти се, знам. Немаш потреба да ги допреш, веќе знаеш какви се. Веќе знаеш дека тебе ти се неупотребливи, а мене свети. Знам што бараш, нема да ме прејдеш. Бараш индиции, траги бараш. Да не сум заборавила нешто внатре, да не сум подвлекла некој збор или ред. Да не сум ти оставила нешто. Лесно ќе најдеш, зошто подвлекувам со црвен маркер. Но, никогаш нема да дознаеш, зошто нема да ти кажам. А и ти нема да побараш, зошто ме почитуваш. Гледаш ли, како знам дека е така? Те предупредувам за книгите, а не за фиоките со долна облека. Не си ти тој тип. Тебе те интересира што ми ги краси мислите, а не телото. Тебе те интересира зошто бирам парфем со овошна нота, а не зошто носам здолништа со А крој. А јас знам дека нема да ги допреш книгите, зошто ме почитуваш.

Како мислиш, што би требало да правиш сега? Знаеше и од предходно дека немам телевизор. Имав порано, ама никогаш не го употребив. Имав и слобода порано, ама и неа никогаш не ја употребив. Ах. Што ти објаснувам кога веќе знаеш. Те скокоткам, нели? Те боцкам да се сеќаваш. Крвнички боцкам. Се сети ли да ја заклучиш вратата? Само те боцкам, да те потсетам. Знам дека е заклучено долу. Видов.

Те боцкам повторно. Само минувам од тука, одамна не сум била дома. Ама нема ни да дојдам. Чекаш. Ти знаеше дека нема да дојдам, а сепак ме чекаш. Остави ми потсетник на креденчето. Напиши што сакаш, ништо нема да ти земам за зло. Врати го клучот кај што беше. Книгата ќе ми ја вратиш кога повторно ќе се видиме.

Не се смеј така, можам да ти ја сетам иронијата. Имброглио, нели. Затоа се смееш. А знаеш дека ќе се видиме повторно.
Чувај ми ја книгата до тогаш.
Чувај ми ги редовите со крв обоени.

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваУметнички мов – новитет во уредување на домот
Следна објава5 производи кои мора да ги имате во летниот несесер!
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР