Наташа Сарџоска
Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поетеса, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт.
Дипломирала италијански јазик и компаративна книжевност со француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирала, во рамките на програмата „Еразмус“, книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетите во Лисабон (Португалија), Бергамо (Италија) и Перпињан (Франција), со магистерска теза за италијанскиот писател, поет, режисер и драматург Пјер Паоло Пазолини. Докторирала антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а како антрополог истражувала граници, миграции, егзил и бездомност. Предава на Меѓународниот универзитет „Шилер“ во Хајделберг во Германија.
Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и голем број раскази, есеи, колумни и академски трудови. Нејзини книги се преведени и објавени во Италија, САД, Аргентина и Косово. Нејзината поезија е преведена на повеќе од 15 светски јазици и објавена во познати светски книжевни ревии и антологии (Колумбија, Италија, САД, Аргентина, Мексико, Чешка, Израел, Грција, Србија итн.). Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија против злоупотреба на деца. Ја уредила светската поетска антологија „Blurred and Political: Border Poetry“ во Канада, а заедно со академик Катица Ќулавкова ја уредила антологијата на македонска поезија „Картографија на огнот“ објавена во Колумбија. Приредила многу избори на поетски преводи од италијански и шпански јазик на македонски јазик. Превела од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски јазик стотици писатели и поети, 262 меѓу кои Пазолини и Сарамаго. Настапувала на многу меѓународни поетски фестивали, меѓу кои фестивалот во Меделин, „Ars Poetica“ во Националната галерија во Братислава, фестивалот „Parole spalancate“ во Дуждовата палата во Џенова, поетскиот фестивал во Берлин во Академијата за уметност, фестивалот „Sha‘ar Helicon“ во театарот „Јафа“ во Тел Авив.
Соработувала со Францускиот институт во Скопје организирајќи поетска вечер посветена на франкофонската поезија за егзил „Les rivages de l’exil“, и со Амбасадата на Италија во Скопје организирајќи ја поетско-музичката вечер „Il vino è la poesia della terra“. Била финалист за „Награда за Неапол“ во Италија на издавачката куќа „Гвидо едиторе“ за необјавена поетска творба напишана изворно на италијански јазик. Ја добила наградата „Don Luigi de Liegro“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик, како и признание од Министерството за надворешни работи на Италија за прв превод на книгата „Пинокио“ од Карло Колоди на македонски јазик. На покана на Каталонскиот институт „Рамон Љуљ“ престојувала на резиденција за писатели и преведувачи во Барселона. Соработува со списанијата „Doppiozero“ и „Nuova Prosa“ во Милано, и со „Transmidia“ во Рио де Жанеиро. Застапена е во европската поетска платформа „Версополис“ и во меѓународната платформа за поетски аудиозаписи „Lyrik Line“ во Берлин.