Фантомот од Операта – Гастон Леру

fantomot od operataПовеќе од љубовна приказна, ова е приказна за опсесија што доведува до лудило. Од секоја страница блика сурова емоција, а мистеријата провејува низ целото дело, поигрувајќи си со очекувањата на читателот и заробувајќи го неговото внимание до самиот крај.

Куќата на Операта во Париз е неминовно обележје во неговата златна историја и маркантен монумент на француската уметност во светски музички ранг, со низа евидентни готички ефекти. Но големата озвучена институција крие голема тајна за живот вселен во друг живот, приказна втемелена во друга приказна која започнува со голема трагедија – менаџерот на Операта е пронајден мртов, обесен на самата сцена. Под него, има уценувачко писмо во кое се бараат неколку илјади франци, со потпис „Духот на Операта“. Убиство или самоубиство?

„Никој никогаш нема да биде вистински Парижанец доколку не научи да носи маска на среќа врз тагата, досадата или рамнодушноста во врска со неговата внатрешна радост.“

Кристин Дае е млад и надежен вокал во Операта, со боја на гласот која е некарактеристична за една девојка. Таа доживува големо унапредување и ја добива својата слава како водечки солист на сцената. За да биде среќата уште поголема, крупната продажба на карти го привлекува и младиот виконт Раул да дојде да ја слушне и да пројави иницијатива да ја спонзорира Куќата на Операта, преку промоција на културата во градот. По некоја случајност, Кристин и Раул имаат заедничко минато – платонска љубов од детството која сега кулминира во слатка романса која цели кон конвенционален заплет кој по непишано правило, им се случува на сите двојки.

„Јас ја откорнав мојата маска за да не изгубам една од нејзините солзи… и таа не избега! Таа не умре…! Таа остана жива, плачејќи врз мене, плачејќи со мене. Ние плачевме заедно! Јас ја вкусив сета среќа што светот имаше да ми ја понуди.“

Но, Кристин крие една тајна – во маргините на темнината, секоја ноќ таа добива посети од Ангелот на музиката, субјект за кој верува дека е испратен од нејзиниот неодамна починат татко, за да ја насочи во животот и да и даде смисла на нејзиното создавање музика. Ангелот на музиката е псевдоним на Духот на Операта, физички изобличен гениј, чија кариера на сопран згаснала уште пред да почне поради извесно уништување на неговото лице, поради кое тој носи маска. Неговата растроена психа е производ на големиот пожар чии белези ги носи на себе и во себе, а кои резултираат со комплетна опсесија кон Кристин, која воедно ќе стане поттик за беспоштедно ривалство со Раул. Она што ја држи блиску до Раул е тоа што тој е нејзината врска со човештвото, а она што ја привлекува кон Ерик е нејзината страст кон уметноста. Кулминирањето на љубовниот триаголник од квази-карактер е во времетраење од цел животен век: Фантомот останува на своето тероризирање на Операта, своето инволвирање во врската на Кристин и Раул, поведен од мистичната и неотповиклива желба на Кристин да успее во кариерата.

„Ако јас сум Фантом, тоа е затоа што омразата направи таков човек од мене. Ако сум таков, јас ќе се спасам затоа што твојата љубов ме извлече од темнината…“

Животен век каде честа и отстапува место на тагата, каде љубовта е врзана со хорор и каде историјата никогаш не стопира да се повторува… со расплетот се осознава дека душата на Фантомот е се освен фиктивна категорија – дека неговиот лик е најголем човек од целиот дијапазон на протагонисти во готичкиот роман на Леру.

 „…знај дека сум создаден од смрт од глава до петици и тоа е трупот кој те сака и обожува и никогаш, никогаш нема да те напушти! …“

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваБохо куќичка од 37м2
Следна објава[Филм] Рокерка
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ