Концентрирајќи го својот зародиш во последното декадно приквечерие на Првата светска војна, Хесе зборува во прво лице еднина преку ликот на Емил Синклер, односно неговото патување со цел вистинко разбирање на длабоката индивидуална внатрешност и управување со себеси. Применувајќи го Јунговиот концепт на психоанализа илустиран преку симболично наративен цртеж кој во својата суштина ги содржи христијанската теологија, филозофијата на Ниче и мистицизмот на Истокот, Синклер го доживува овој микс кој го води до авто-откритие на сосема неконвенционален начин, со помош на неговиот мистериозен соученик, Макс Демијан.
„Сакав само да се обидам да го живеам сопствениот живот во согласност со нештата што произлегуваат од мојот вистински карактер. Зошто тоа беше така ужасно тешко?“
Сосема неискусен и невин во своето размислување, Синклер е мирно дете во мирно семејство со силна верба, чија што основа прави тој да се чувствува како најголем грешник кога под уцена на училишниот насилник, тој е приморан да украде јаболка. Судејќи по тоа лошо дело, од царството на светлината и доброто, Синклер претчувствува дека се упатил кон темното, односно царството на злото.
„Никогаш не би требало да се плашите од луѓето… таквиот страв има автодеструктивна моќ. Едноставно мора да се ослободите од неа, ако целите да израснете во пристојна личност“
Кога во училиштето доаѓа нов ученик, Демијан, видно постар од Синклер, се чини дека насилникот Кромер сепак има од што да се плаши, притоа штитејќи го Синклер во обид да се спријатели со него. Но, и покрај тоа, Демијан не добива дури ни немо „благодарам“… Неколку години подоцна, развојот на нивното пријателство доаѓа само по себе: иако за Демијан постојат градски шпекулации дека тој е атеист или во крајна линија, Евреин, негова одлука е да партиципира во истата религиозна настава како и Синклер. Истата близина ја прифаќа и самиот Синклер, при што новороденото пријателство резултира со низа неконвенционани толкувања на библиските приказни. Колку и тоа да е иритантно вознемирувачко за младиот Синклер, тој сфаќа дека всушност под влијание на неговиот постар пријател, маргините на неговиот ум се прошируваат кон нови видици, при што сомнежот во неговата сопствена и догматска вера е неизбежен.
„Никогаш не се стигнува дома. Но, сите патеки кои имаат афинитет за меѓусебно да се вкрстат, во секое време целиот свет се чини како дом.“
Годините декларирани како животни патеки во тековните училишни години од основно па се’ до високо образование, животот учи да се раководиме до крајната цел: финално откровение на вистинското самопознание. Крајот на романот го означува и предвидениот крај на Втората светска војна, каде пријателството го ужива основниот примат на нераскинлива битка на долги патеки.