Без оглед на причината, често доаѓа период во Вашиот живот кога читањето книги е позиционирано во последните редови на Вашата „to-do“ листа и никако да успее да дојде на ред. Можеби е до Вашиот стеснат распоред, можеби времето за одмор радо би го поминале во спиење, а можеби социјалните мрежи ги уништија Вашите навики да читате нешто повеќе од 140 фонтови. Можеби изговорот го наоѓате во тоа што сте трауматизирани од училиште, факултет или работа, така што сте заборавиле како изгледа да читате нешто поради забава и релаксација. Се прашувате како повторно да се доведете себеси до ситуација да читате за своја душа? Ние ви нудиме 10 совети кои навистина ќе Ви помогнат…

1. Не срамете се да започнете со некој голем бестселер.

Она што вечните почитувачи на книги го тврдат, дека „доколку го читате она што сите го читаат, тогаш размислувате како што сите размислуваат“ – ова, не важи за Вас додека се обидувате да го подобрите Вашиот однос со книгите. Дали ќе посегнете по Хари Потер, Игрите на гладните или било кој наслов на Николас Спаркс, верувајте дека со причина овие публикувани богатства успеале да котираат високо на светските ранг листи. Лесни за читање, ќе Ве исполнат со чувство на забава и опуштање и совршено ќе Ви го отворат патот кон… Девојката со тетоважа на змеј, на пример? Вреди да се проба.

2. Направете навика од читањето.

Како и секоја нова навика, потребно е време и волја. И трпение во голема количина. Чувајте ја Вашата книга на ноќната масичка и обидете се да читате по 10 минути секоја вечер пред спиење. Повторете го ова 10 дена и веќе сте спремни да ја пренесете книга во дневната соба, во кујната.. па дури и во тоалетот. Никогаш не потценувајте ја нејзината моќ на задржување интерес. Честитаме, штотуку се стекнавте со нова, квалитетна навика!

3. Започнете книжевен клуб со Вашите пријатели.

Нешто како лоби група за да се поттикнувате и поддржувате меѓусебно во насока на конзумирање книги. Поставувајте предизвици, разговарајте со часови покрај кафе, натпреварувајте се! Поставете рокови за читање на Достоевски, земајќи ја во предвид тежината на неговите дела или креирајте викенд-маратон со хероините на Мишел Моран. Запомнете, секоја прочитана книга значи нов повод за нешто слатко зачинето со озборување во кругот на пријателите.

4. Создадете своја рутина на читање.

Одделете катче од домот кое ќе го уредите со една полица, многу перничиња и доволно светлина. Тоа ќе биде Ваш личен простор за дружење со книга. Романтична атмосфера со утописките креации на Спаркс? Секогаш! Во меѓувреме, пробајте да читате во топла пенаста бања, придружени со чаша вино… наскоро, потребата од читање ќе Ви стане луксузно задоволство наместо исцрпувачка домашна задача.

5. Испорабајте повеќе жарнови да увидите што Ви се допаѓа.

Не грижете се ако бестселерите не се Ваш стил. Проверете документарни публикации, скандалозни биографии или комедични драми… истражете повеќе теми што Ве интересираат и можеби ќе се изненадите од исходот што се може да Ви го задржи интересот подолго време. Збирка поезија, зошто да не? Историски фикции, во секое време. И секако, која од нив ќе заслужи препорака меѓу пријателите.

6. Истражувајте ги книжарниците.

Дури и кога не сте во расположение за нова книга, влезете во книжарницата покрај која поминувате секој ден и истражете ги полиците. Дури и ако не се одлучите да го отворите паричникот и да вдомите некој нов наслов, добро е да бидете во тек со новостите, промоциите, попустите, преводите. По извесно време, ќе почувстувате обврска себеси да се почестите со нешто ново. Хммм, новата книга на Мисо навистина делува примамливо…

7. Прашајте ги Вашите пријатели за препораки.

Придобивките од оваа стратегија се двојни: како прво, ќе добиете персонализирани препораки од луѓето кои најдобро знаат што значи да се биде читател, и секако, како второ, тоа ќе повлече дополнителна комуникација откако ќе го прочитате препорачаното. Можеби Вам нема да Ви се допадне последниот трилер на Браун, но можеби ќе уживате во некое постаро издание со негов потпис. Подоцна, и самите Вие ќе станете онаа личност на која од која се бараат препораки.

8. Дајте им шанса на аудио-книгите.

Сеуште се смета како категорија читање, а истовремено помага доколку сте на мултитаскинг ниво: додека вежбате, готвите, возите или го чистите домот. Последиците ќе бидат од маестрален размер – двоен ефект е постигнат, завршувате битна работа од распоредот, а патем побогати сте за 100тина страници. Звучи како сон, нели?

9. Чувајте еден примерок во чантата.

Ќе бидете изненадени колку можности ќе Ви се отворат во текот на денот за да прочитате макар еден пасус. Уште денес, на паузата за ручек или кафе, наместо да проверите facebook и да се заборавите во News feed, украдете го моментот да уживате во започнатиот наслов. Дружење со Џејн Остин наместо вообичаеното лелекање на сметка на професорот/шефот? Да, секако!

10. Бидете трпеливи со себе.

Нема преку ноќ да се претворите пасиониран читател. Можеби од старт ќе се разочарате од изборот и неможноста да се ре-менаџира слободното време… но, верувајте дека е навистина прашање на време кога ќе ја пронајдете Вашата книга (Вашиот автор, Вашиот жарн, Вашите преференции). Тогаш, ќе се насмевнете на себе што толку многу сте чекале да се запознаеете со вистинската убавина…

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЕдиторијал | Барок
Следна објаваIron Man 3
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР