Покрај многуте погледи и предвидувања за во иднина, земајќи го во предвид наводниот крај на светот, или, поточно кажано – крахот на цивилизацијата зачнат и материјализиран од алчноста и егоизмот на истата, Сузан Колинс го сместува дејствието на својот трилер во едно не така далечно идно време, а го врзува во рушевините на Соединетите држави на Америка.

Поделена во 13 реони и еден главен центар, Капитол, ова налик уредување се заснова на историскиот егзистенционален модел на живот: лов, риболов, овоштарство итн; применувани преку принципот на размена. Без да се цели кон демографски показатели, за населението не се знае ништо друго, освен еднонасочната надмоќ на Капитол и фамозната манифестaција во облик на реално шоу, која се чини дека е единствен начин за забава на жителите на реоните. И, водечки причинител на висока стапка на морталитет кај адолесцентската популација.

Кетнис Евердин е девојка во зенитот на нејзините тинејџерски години, но за тоа време има поминато повеќе од било кој друг навикнат на комодитет во Капитол: освен што е способна да се грижи сама за себе, таа е основен причинител на заштита и прехрана на домот, чувар на малечката Примроуз (на која повеќе е старател отколку сестра) и на мајка и, чија психа не ја издржала загубата на татко и во несреќата кај рудникот. Свесна за својот нагон за преживување и улогата која ја има дома, таа утеха и сооучесништво пронаоѓа во најдобриот другар Гејл, момчето со кое врши нелегален лов во околната шума. Но, се наближува терминот за одржување на овогодинешните Игри на гладните… Правилата се: по двајца тинејџери од секој од реоните, што значи 12 девојки и 12 момчиња бидејќи реонот 13 е сосема уништен; кои влегуваат во реално шоу чие времетраење не е дефинирано, туку зависи од самите правила – победник е оној кој на крајот ќе остане жив. Дисквалификациите може да се доживеат само со чинот на смрт. Победува оној кој ќе успее да остане во живот, под услов останатите 23 учесници да бидат мртви. Извлекувањето во реон 12 е во тек… од девојките е избрана… Примроуз Евердин. Точно, малата сестричка на Кетнис. Во афект на избезуменост и апсолутен заштитнички нагон, Кетнис волонтира да оди наместо сестра и – покрај неа, од момците го избираат Пита Меларк, синот на пекарот, момчето на кое Кетнис му должи услуга од детството. А, ако сака да преживее, таа мора да го убие. Нека почнат 74тите Игри на гладните!

Колинс презентира приказна чија суштина означува една од ретките книги за преживување што во себе опфаќаат егзистенционализам, политика, медиуми, општествена жед за воајеризам и прикриена љубов… се во насока да укажат на човечноста и чистата душа на една група недозреани адолесценти, кои во суштина се најсозреани од сите поклоници и зависници на тоа бизарно шоу. Оваа книга е шлаканица на светот, исмевање на реалните шоуа, ладен туш за оние кои ги исклучиле чувствата за сметка на претопување со масата. Дали може да се преживее кога си препуштен сам на себе, а кога сите истовремено се борат против тебе?
Прашајте ја девојката која гореше…

СПОДЕЛИ
Претходна објаваШминката на Џенифер Лопез
Следна објаваВенчавка во стилот на Игрите на гладните
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

2 КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР