Секој во моето маало го знаеше мачорот Грди. Грди сакаше да прави три работи во животот: да се тепа со другите мачки, да јаде ѓубре и да се мази.

Комбинацијата од сите овие работи и животот на улица беа и причината за неговото “име”. Тој имаше едно десно око, левото уво му беше гризнато при некоја тепачка, кривеше со едната нога и му фалеше дел од опашот. Грди беше сив мачор, но поради раните по телото кога и да поминеше некој извикуваше “Тоа е навистина грд мачор!”

На сите деца од маалото им беше забрането да го допираат, возрасните фрлаа камчиња по него ако застанеше пред куќните прагови, а Грди секогаш ја имаше истата реакција. Кога го бркаа само мирно стоеше, ако почнеа да фрлааат работи по него почнуваше милно да се плетка околу нозете во знак на извинување.

Кога ќе ги видеше децата како си играат, дотрчуваше кај нив, мјаукајќи ќе се протнеше меѓу нивните раце, молејќи за љубов и внимание. Доколку некој го земеше во скут, во знак на благодарност ги лижеше нивните уши, маици, раце…што прво ќе му дојдеше до муцката.

Еден ден Грди беше нападнат од кучињата на соседот. Седејќи во мојот стан ги слушнав неговите тажни крици и веднаш дотрчав да му помогнам. Кога стигнав до него тој лежеше повреден и се гледаше дека се ближи крајот на неговиот тежок живот. Го земав во раце и тргнав накај дома слушајќи го неговото отежнато дишење. Сигурно беше во големи болки, си помислив, припивајќи го до мене. Одеднаш го почувствував неговото лижење и цицање на моето уво, ја стави главата под мојата дланка, ме погледна со едното око и почна да преде. Не ми се веруваше, во сета таа болка Грди бараше љубов, внимание, а можеби и сочувство. За момент во моите очи Грди беше најубавото, најмилото суштество.. како никогаш да не ме изгребал, да не сум го избркал кога ми се врткал околу нозете .. ме гледаше целосно верувајќи ми дека ќе го ослободам од таа ужасна болка.

Грди умре во моите раце, уште пред да стигнам во мојот дом. Го држев уште долго размислувајќи како еден навистина грд скитник може да го промени моето мислење за тоа што значи да се има вистинска чистота на духот и полно срце љубов. Грди ме научи повеќе за давање и сочувство од илјада книги, предавања и специјализирани емисии, а за тоа јас секогаш ќе му бидам благодарен. Тој беше уништен од надвор, но јас бев преплашен од внатре. Беше време да се научи да се сака вистински и длабоко и да им се покаже внимание на сите оние кои ми значат…

Многу луѓе сакаат да бидат побогати, поуспешни, повеќе сакани и поубави… но, јас.. јас секогаш ќе сакам да бидам Грди!

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДомино од книги | Bookmans, Аризона
Следна објаваМобилна полица | Rejon Book Table
Вљубеник во уметноста и дизајнот, пружа несекојдневна и ретка презентација на истите. Носител на особена артистичка визија поткрепена со последните модни случувања, својата визуелна меморија успешно ја инкорпорира во светот на заборавените уметнички вредности. Подржувач и промотор на хуманоста, вешто ја унапредува како креативната, така и хуманата страна на животот.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР