Беше една од оние студени зими за кои предупредуваат на вести дури и пред ударните термини. Беше една од оние мрачни зими, кога сончев зрак немаше ни за лек – но сепак беше задолжително одењето на работа или училиште. Она што можам да се сетам е дека дознав за концертот кој требаше да се случи во нашата спортска сала од моите другарки, кои не ми беа соученички; умеев да се дружам со нив поради заедничките активности по секции и натпревари. За разлика од мене и моето целокупно воспитување во целина, тие беа претерано слободни за свои години – за разлика од мене, тие излегуваа во град и остануваа дури по полноќ, имаа списоци со тајни симпатии и една недела однапред смислуваа што ќе облекуваат за викенд-излегувањето. Без да се чувствувам како отпадник поради моето бегство позади книгите, насетив дека нивните договори ме вклучуваат и мене, иако им се придружував во друштвото за излегување строго за специјални прилики.

„И душо, доаѓаш во сабота, нели?“, почувствував како ме прегрнува другарка ми позади грб, веднаш штом излеговме на голем одмор. „Навистина би сакала да дојдам“, ѝ одговорив можеби премногу срамежливо, при што следеше надоврзувањето на третата другарка – „ајде, ајде… замоли ја мајка ти да те пушти, сепак еднаш доаѓа таква ѕвезда кај нас! Ајде, те молам! Потруди се, не се откажувај по првото „не“… плус, знаеш… и ТОЈ ќе биде таму“. „Ако доаѓам, тоа сигурно нема да биде поради фактот што „ТОЈ“ ќе биде таму… ако доаѓам, ќе дојдам за музиката“, кажав самоуверено. „Во ред, ти си знаеш. Кажи дали да те чекаме, во ред?“ – заврши разговорот штом стигнавме на ред во маркетот со бели пецива. По часовите, како и секој ден, веднаш се упатив дома. Поминав покрај околните кафулиња, паркот и конечно пред средните училишта кои беа неколку метри оддалечени од мојата куќа. Насекаде стоеја постери за гостувањето на големиот пејач, речиси од секаде се слушаа неговите песни, а капка што ја прели чашата беа сосетките од моето маало; кои, иако во години, се договараа да одат на концертот. Стигнав дома, процедурата со регуларно оставање на училишната торба на нејзино место, по менувањето облека и миењето раце за да слезам на вечера, се заокружи со враќање во мојата соба за да ги напишам домашните и да ја спремам торбата за утре. Мајка ми, со тивок чекор, дојде да провери што правам. „До кај си, мила? Како си помина денес, некое доживување…?“, праша штом седна на фотелјата. „Ништо посебно мамо, лектирата од минатиот час за која конечно петката ми заврши во дневник, повторување историја, кое повторно заврши со петка… знаеш, мора да сум спремна секој ден на крајот од полугодието“, задоволно ѝ одговорив. Мајка ми гордо се насмеа и понуди да направи нешто слатко. Ѝ се заблагодарив, ама кажав дека имам друга желба. Пред да ми дозволи да зборувам, предложи ние четворицата, заедно со сестра ми и татко ми да одиме на концертот во сабота… неочекувано понижена, се почувствував како мало дете на кое не му е дозволен излез без родителите. Во делот од секундата збеснав, врескаво одговорив дека нема да одам и посакав да останам сама. Изненадена, мајка ми ја напушти собата и не ми проговори во следните неколку дена. Се’ додека не дојде сабота. Се’ додека сестра ми не се разболе од грип и се’ додека самата не дојде со план, јас и татко ми да одиме на концерт. „Нема да зажалиш. Знам колку го сакаш и знам колку ќе ти значи… на крајот на краиштата, зарем ќе дозволиш поради пубертетската гордост да останеш дома и да не ја видиш најубавата насмевка на светот?“, се насмеа и ме бакна на главата. Иако во двоумење, се упатив кон плакарот да земам топли алишта затоа што мојот имунитет нема да издржи многу, во толкав студен простор со толку, можеби настинати, луѓе. Татко ми ме чекаше во автомобилот и за помалку од минута, иако беше непроодна зима, влеговме од задниот влез и се вмешавме во толпата… познати, непознати, стари, млади, весели, замислени… дузина сограѓани кои уживаа во музиката и кои за момент забораваа на своите грижи, создавајќи една целина која се движи во истиот ритам и која евидентно создаваше мир на сечие лице. Поради сопствената висина, нормално дека не можев да го видам човекот чиј глас импресионираше. Можев да слушам, да се препуштам на неговиот глас и немо да ги пеам неговите стихови. Татко ми забележа дека стојам со затворени очи. Ме зеде за рака и се упати кон сцената. Младиот човек енергично се движеше по истата, со насмеани очи пееше и танцуваше, испраќајќи бакнежи и намигнувања до публиката. Пред да сфатам што се случува, тој се упати кон нас и делумно, ме исплаши неочекуваната близина… спонтано, ги отворив рацете за прегратка и за миг се најдов лице во лице со отчукувањата на неговото срце, кои и ден денес ми предизвикуваат морници по рацете со кои тогаш го прегрнав. Ме прегрна и тој, силно колку што може да се прегрне едно девојче и еден момент ми припаѓаше само мене. Човекот со најубавата насмевка на светот ми припаѓаше мене со сиот негов талент, добрина и моќ… за кратко, се исправи и повторно се наведна кога во делот од секундата ме бакна на главата. Веднаш потоа, се врати кон својата енергична процедура да ја заврши песната. Срцето ми биеше како лудо. Срцето ми бие како лудо секогаш кога ќе се сетам на таа случка, иако оттогаш поминаа 10 години. Срцето ќе ми експлодира секој пат кога ќе ја слушнам “Излажи ме уште еднаш”….

Очигледно заборавив каде се наоѓам по искуството со мојот омилен Тоше. Очигледно сеуште ќе стоев вонтелесно и пресреќно, ако не дојдеа моите другарки како лавина исполнета со врисоци од среќа. Единствено татко ми стоеше настрана, чекаше да помине еуфоријата која ми се случи. Концертот се наближуваше кон својот крај, а Тоше неуморно пееше и ширеше позитивна енергија – несебично го обедини градот, така што сите ние живеевме во негов ритам на неколку часа. Дури и ден денес, кога салата безживотно пречекува спортски турнири или пријателски натпревари, мојата и генерациите пред неа знаат да се сетат – „ех, колку беше полно кога ни пееше Тоше… колку што сега срцето ни’ е празно“… Но, моето срце не е празно. Никогаш нема ни да биде, затоа што сеќавањата и наследството секогаш ќе ме згреат кога ненамерно ќе си дозволам да ми се лизне солза по образите. Кога ненамерно ќе си дозволам да бидам излажана уште еднаш со споменот за најсилната прегратка на светот.

~ авторски текст.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваШал-часовник
Следна објаваФантастичен стан со мини градина
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР