Едно од ретките заеднички активности со татко ми беа нашите долги возења и разговори за „машки теми’, во кои несомнено уживав, бидејќи фактот што сум девојче не го спречуваше  да разговара со мене за нови модели на автомобили, тековни F1 настани или акциони филмови. Едноставно, ми годеше фактот што татко ми не ме смета за разгалена принцеза, туку во мене гледа совесно интелегентно суштество, без оглед на моите едвај 12тина години. Беше тоа прилично задолжено возење низ скопските улици, на невидена горештина и неверојатно жежок асфалт каде во мозаик се отсликуваше гужвата на разноразни регистрации – една тежина во воздухот што само августовско попладне може да ја поднесе. Радиото беше ставено во заден план, бидејќи одржував монолог за нашето доцнење кај еден негов пријател; но, татко ми се чинеше дека е отсутен токму поради неподносливата топлина и покрај вклучената клима во нашиот автомобил. Во негодување, го отворив прозорецот десно од мене и ја отсутно ја потпрев главата кон надвор. Застанавме на семафор, за некое чудо црвените бројки означуваа помалку од 60 секунди.

Од мојата страна застана портокалов Volkswagen Beetle, со млад профил на возачкото седиште, во бела маица и истата станица на радиото која успеав да ја чујам поради тоа што и неговиот прозорец беше отворен. Инстинктивно го вперив погледот кон возачот, со извесен сомнеж дека го познавам младиот човек од некаде. Дали ми е некој братучед, или можеби го имам видено на телевизија? Неважно, мојот бесрамен поглед се задржа на несовршеноста на неговата фризура, бидејќи очите му беа заштитени со прилично широки Police очила за сонце. Момчето, како да почувствува дека го гледам, нон-шалантно, се сврте кон мене. Јас, сеуште бесрамно, го држев мојот детски поглед преку крупните очи и црните трепки фиксиран за неговото лице, како да сакав да ја прочитам неговата приказна и причината поради која сум убедена дека го познавам. Без да предвидам, ги извади очилата од себе. Во делот од секундата, почувствував силен набој на емоции бидејќи ликот спроти мене ми ја подари најубавата насмевка на целиот свет. Како сета среќа во еден животен век да беше сконцентрирана во едно суштество. Тогаш се засрамив. Но, продолжив да гледам во него. Звукот на повторно стартување на автомобилот ме шокираше од летаргичната положба во која самата себеси се заробив. Татко ми, кој дури тогаш ја забележа мојата епска ситуација, со потсмев, ме запраша „толку ти беше тешко да го замолиш за една фотографија?“, при што ме остави зачудена. „Зошто?“, прашав невино. „Зошто би барала фотографија со некој непознат? Ме задеваш поради тоа што помислив дека е сладок?“, вреснав во самоодбрана, фатена на дело во мојот квази-обид на детски флерт. „Будалче, не забележа, нели?“, татко ми ми одговори со насмевка – „па, тоа беше Тоше, твојот Тоше!“ извика низ смеа.

Останав вкочанета и засрамена. Зар јас, девојчето кое уживаше во неговата музика и ги знаеше сите негови песни наизуст, да не го препознаам на едвај 10 см од мене? Се сожалив врз себе и се обвинив на немарноста која што тој ја предизвика во мене. Поважно ми беше да изгледам убаво во неговите очи, отколку да сфатам кој е тој. Поважно ми беше да ја забележам секоја линија на неговото лице, отколку да се фокусирам на сопствената меморија за мојот омилен музичар. Татко ми продолжи да вози по Партизанска, намерно или ненамерно, зборувајќи ми за многуте пати каде што имал прилика да се види со Тоше, правејќи ме љубоморна што јас не сум била на негово место. Но, тоа веќе и не ми беше важно… јас го доживеав својот момент со Тоше и тоа беше се’ што ми беше потребно. И не, не жалев затоа што моментот заврши премногу брзо, туку се радував што имав чест да го доживеам моето искуство со него кое ќе ми го грее срцето цел живот…

~ авторски текст.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЧетврта нога | Nook Coffee Table
Следна објаваТоше Проески | Све је ово премало за крај
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР