Со првото утринско будење, тој почувствува непријатна болка во стомакот. Нешто таму како да го стегаше, притискаше и печеше. Не, тоа не беше болка од вчерашната вечера. Причината беше друга. Уште откако ги отвори очите, се знаеше што ќе прави денес… Денес најпосле ќе ја прекинеше врската, која се обидуваше да ја одржи веќе две години. Поточно, требаше да го направи тоа многу порано, но…

Стана од креветот, се облече и излезе. Беше се договорил уште од вчера да се најдат со неа на местото каде се среќаваа обично. Не требаше да касни. Никогаш досега не ја натерал да чека.

Излезе од дома и со брзи чекори се упати кон местото за средба. Градот изгледаше сив и мрачен, времето беше студено, како секој момент да се спремаше да заврне. Крена поглед нагоре кон тмурното небо и си помисли:

– Дури и облаците плачат за нас, како и тие да осеќаат што ќе се случи…

Како и секогаш,пристигна прв на договореното место.
По неколку минути се појави и таа. Кога ја виде како се приближува кон него,стомакот му се собра и нешто го пресече…некаква нејасна болка.

Ја праша дали сака да седнат некаде и таа се согласи. Тргнаа. По целиот пат дотаму молчеа, не рекоа ниту збор. Тоа и се причини доста чудно, ја заплаши тоа негово однесување…не знаеше што ја чека.

Седнаа на една од дрвените маси во кафулето и си нарачаа по едно кафе. Најпосле таа не можеше да се стрпи и го праша:

– Што ти е, нешто да не сакаш а ми кажеш?

Да…-одговори тој, без да ја погледне.

– Ајде кажи, зошто молчиш? – продолжи таа, веќе малку вознемирена.

Тој зема воздух, ја сврте главата кон неа и ја праша:

– Според тебе, до кога ќе продолжиме така? Колку уште сметаш дека ќе издржиме со ова темпо?

– Од каде пак сега ова го измисли, зошто ми поставуваш такво прашање? – не можеше да се начуди таа.

По кратко молчење, тој издиша длабоко и продолжи:

– Една вечер пред неколку месеци, беше околу полноќ, јас ти се јавив, за да ти прочитам неколку мои стихови, кои штотуку ги напишав за тебе. А ти, се сеќаваш ли што ми одговори? “Баш сега ли најде да ѕвониш, види колку е часот, како да немаш друга работа…“ – ми рече ти, без дури да се обидеш да бидеш љубезна. Од таа твоја реакција се почувствував како нокаутиран боксер…Ти се извинив и го затворив телефонот. А ти никогаш подоцна не побара да ги видиш и слушнеш тие стихови… Пред три недели, кога се разболев тешко и неможев да станам од кревет, дојде заедно со пријателите да ме видиш. Кога еден од нив ми потфрли: “О, добар си ти, си имаш девојка, има кој да се грижи за тебе“, ти кажа:  “Да де, нема шанси, имам доволно обврски, нека си го чува мајка му…“. Ти текнува сега?

– Но ти знаеш дека јас не сакам такви лигавења, емоционални изблици…не е тоа за мене...-рече таа, со вина за постапките. – А и зарем ти личам на докторка?

Тој се насмеа иронично:
-Да, во право си, воопшто не личиш на докторка. А и додека го носиш тоа камено срце во себе, дури и да сакаш да станеш таква и да помагаш на луѓето…не би можела.

По малку молчење тој продолжи:

Досега колку пати си ми пишала некоја порака рано наутро, за да ми посакаш убав и пријатен ден? Или навечер пред да си легнеш, да ми кажеш едно просто “добра ноќ“? Или кога и да е во текот на денот, за да ми подариш една насмевка? Нешто со што ќе ми покажеш дека имам некаква вредност за тебе? Никогаш не си направила такво нешто! Ти тврдиш дека не сакаш такви сентиментални работи, велиш дека се смешни и лигави, но вистината е друга – ти не сакаш да ги радуваш другите, оние кои те сакаат! И точно тука е најголемата разлика меѓу мене и тебе. Јас сум сосема спротивен. Сакам да дарувам радост и насмевки на луѓето околу мене и точно тоа ме прави среќен. Знаеш ли дека откако те запознав секој ден, секоја ноќ, секој миг јас имав по еден убав збор за тебе? Дали го слушна, дали го осети, дали ти значеше? Толку сме различни, како бело и црно…

Таа се обидуваше да го надмине шокот од тоа што го слушаше и во исто време се трудеше да остане смирена. Го праша:

– И што сакаш ти од мене, да станам поет, да пишувам стихови?

Тој повторно се насмеа, и уште еднаш се убеди колку правилно решение донел.

– Не…-одговори тој. Не сакам да станеш поет. А ти и не би можела да бидеш добар поет. Само сакам да се разделиме, сметам дека така ќе биде најдобро за двајцата…

– Да се разделиме?! -не очекуваше да слушне такво нешто и тешко и беше да поверува. – Но зошто?! Јас те сакам…Мислам дека ти исто ме сакаш…зарем не е точно?

– Не, мила! Ти само мислеше, дека ме сакаш. Ако ме сакаше вистински, сега ќе водевме друг разговор за многу поубави нешта…

Кога го слушна ова очите и се насолзија.

Тој извади од џебот марамче и и го подаде. Таа бавно ги бришаше солзите и тивко кажа:

– Добро, штом така сакаш…Се надевам само дека не ме оставаш од некоја друга причина…

– Како можеш и да помислиш на такво нешто!? Немало друга, нема ни да има уште долго време…-рече тој, нервозен од нејзините сомнежи.

Беа дошле тука како двајца вљубени, а сега веќе стоеја како странци, еден до друг…По неколку минути поминати во молчење, таа рече:

– Ќе си одиме?

– Јас сакам да останам уште малку тука, но ти ако сакаш оди…

-Добро тогаш…-рече тивко и пружи рака кон него, но и раката и гласот и трепереа…– Ти посакувам да си среќен...-едвај успеа да изрече.

– Ако сакаш, може да останеме пријатели…-рече тој, додека ја држеше за рака.

Се гушнаа силно за последен пат и се разделија без да си кажат ништо повеќе…

“Постапив правилно“…си повторуваше тој цело време, додека се враќаше со бавни чекори кон дома.

Се прибра дома кога се стемни. Чувствуваше како нозете да му беа пресечени. Веднаш влезе во собата и легна…со желба да заспие и се одмори од се. Но не успеваше. А времето како да застана за него, ноќта како да немаше крај…Но мораше да преспие барем малку. Утре беше на работа и требаше да стане рано…

По некое време неосетно заспа. Се разбуди од алармот на часовникот. Стана, се протегна и токму кога требаше да излезе од дома, погледна кон телефонот. Имаше една порака и 10 пропуштени повици. Ништо не слушнал додека спиел. Сите беа од неа. Иако немаше волја да ги чита, ги отвори и прочита:

Колку и да не ти се верува, јас вистински те сакав. Не можам да живеам без тебе и твојата љубов. Не можам да бидам сама. Премногу голема е болката, за да ја соберам цела во моето срце. Ти се колнам, дека никогаш не сум сакала толку вистински некој, како тебе. Живеев за да те сакам, и ќе умрам од што те сакам! Збогум, љубов моја…

Во главата му се родија безброј прашања истиот тој момент. Ги читаше и пречитуваше редовите на екранот и не знаеше што да мисли. Откако ја познаваше, таа никогаш не му напишала такво нешто, никогаш ги немаше искажано чувствата на тој начин…И тоа во 5 сабајле.

Се обиде да ја проголта грутката во грлото која му застана додека читаше, и со растреперени прсти сврте на нејзиниот број. По неколку минути слушна непознат глас. Ја побара неа…

– Јас сум мајка и...-рече залипнато жената на линијата. – Ќерка ми ова утро се самоуби!

– Што!? Но како?! Зошто???…

– Не знам синко ни јас…-продолжи жената. – Цела ноќ вртеше на некој број. Беше вознемирена, многу растроена…Сабајле кога станав, видов дека во собата уште свети, ја отворив вратата и занемев од она што го видов со своите очи…Беше обесена! -успеа некако да раскаже жената со многу засипнат и стегнат глас…

Стомакот му се собра од она што го слушна. Пак го почувствува она парење и тежина, но сега тие беа стотици пати посилни…Во наредниот миг му се заврте во главата, тој се занесе и се струполи на земјата…

Неколку месеци покасно, додека правеа утрински посети на пациентите, двајца лекари сретнаа еден пациент во ходникот. Тој беше нов на клиниката. Едниот лекар го праша другиот каков случај е, а тој одоговори:

– А овој ли? Го донесоа, пред околу три месеци тука. Како што разбрав, неговата девојка се самоубила поради него. Од тогаш тој постојано го носи мобилниот со себе, постојано пишува нешто и го праќа на некој… Пред неколку дена неможев да се воздржам и додека тој спиеше, свртев на тој број…Излезе дека бројот не е активен, деактивиран е уште пред три месеци…Видов, дека има и една порака, ја прочитав и неа…Не го познавам човекот, ниту неговиот живот пред да стигне тука, но изгледа дека оној што му ја пратил пораката, има многу ранлива и емоционална душа…

Речиси секогаш сме убедени дека знаеме и разбираме што мислат и чувствуваат другите околу нас, убедени сме дека успеавме да го видиме она што го носат во срцето…Но дали е навистина така?

извор

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР