Што мислите за телефон кој ќе трае засекогаш, ќе може да го прилагодувате на Вашите потреби и кој би бил „пријател“ на природата? Ви звучи невозможно? Тогаш читајте внимателно! Ви го претставуваме Phonebloks, најновиот проект на холандскиот дизајнер Dave Hakken.
Што всушност претставува Phonebloks?
Тоа всушност сеуште е само концепт на телефон кој се состои од три слоја: екран, матична плоча и разни компоненти на задниот дел.
Овој концепт нуди повеќе предности. Првата предност е тоа што кога би се расипал некој елемент, не го менувате целиот телефон за нов, туку едноставно го менувате само расипаниот дел.
Втората значајна придобивка која ја нуди овој концепт е прилагодување на телефонот кон Вашите потреби. Односно, постојано зборувате на телефон? Значи Ви треба поголема издржливост на батеријата, тоа и го ставате. Сакате да фотографирате? Ставате камера. Имате потреба од поголема меморија? Се е возможно, Phonebloks може да го креирате по Ваша желба.
Иднината на Phonebloks
Како што веќе споменавме Phonebloks моментално е само концепт кој ги бара вистинските компании и луѓе кои би пристапиле кон негова изработка, но за тоа е потребно да се добие поддршката од јавноста и да се покаже дека светот сака ваков телефон. За да го поддржите овој концепт посетете ја www.phonebloks.com или поддржете ги на Thunderclap. Доколку целта е постигната, односно доколку има 250 000 поддржувачи, на 29 октомври во 10 часот сите пораки за поддршка ќе бидат објавени на социјалните медиуми. Досега 91% целта е постигната, односно Phonebloks веќе има 229 317 поддржувачи чија бројка постојано расте.
Би поддржале ли ваков проект?