Кога за прв пат ги отворив очите, многу бев исплашен, но истовремено и љубопитен, сакав да знам се, сакав да знам зошто јас сум толку мал, а луѓето толку големи, сакав да се бутнам секаде и да ги сознаам убавините на светот. Мама беше до мене, и секогаш кога ке го слушнев моето меше како испушта чудни звуци, мама легнуваше и ми даваше да јадам. Никогаш не ми беше ладно, спиев со мама, бато и дада. Одеднаш осетив топла и нежна рака како ме зема и ме погали, ми зборуваше нешто, но јас не можев да разберам, бев многу мал.

Додека бев со Мама бев сигурен и среќен, но еден ден, видов еден човек кој што се приближуваше до нас, јас осетив страв и почнав да барам место да се сокријам, мама лаеше гласно. Се бутнав во една грмушка полна со лисја. Срцето го осеќав на секој дел од моето тело како ми чука. Како лаеше мама, едно време почна силно да плаче, јас уплашен гледав, но не можев да и помогнам, беа посилни од мене. Чичкото ја влечеше мама со едно јаже, а бато и дада неможев ни да ги забележам, исчезнаа. Јас останав сам, гладен, исплашен, смрзнат, плачев, но никој не ме слушаше. До мене поминуваа луѓе, но никој не го слушаше мојот глас. Дојде и ноќта, но јас ја чекав мама да се врати за да заспијам, секакви гласови слушав, го чекав гласот на мама, но мама ја немаше.

Сонцето почна да се појавува, јас лежев на росната трева, мокар, и смрзнат. Многу бев гладен, неможев ни да станам, немав сила. Морав да отидам и да најдам нешто да јадам, застанав покрај една канта за ѓубре, најдов малку храна, од онаа што вие луѓето ја фрлате зошто не е убава за вашето меше, но јас немав друг избор, морав да ја јадам. Додека јас јадев, една жена, шеташе кученце, облечено во блузичка. Се прашував зошто е облечено,но сега веќе ми е јасно. Додека јас се тресев од студ, иако сонцето печеше во мене  воздухот беше ладен, кученцето безгрижно шеташе и беше заштитено од студ. Ме погледна тажно, бев среќен, сакав да си играм, но госпоѓата го дигна во раце мислејки дека јас сум болен.

Повторно сум сам. Но, по некое време слушнав детски глас како зборува за мене со среќа во неговата безгрешна душа. До него имаше еден фин господин кој ме дигна во едната рака и се насмеа, го праша детето дали сака да ме земат, бев пресреќен, ме земаа и ме нахранија, ми направија место со топло кебенце. Бев спремен животот да го дадам за нив, ме викаа Макс.

Растевме заедно со детето кое ми подари дом, научив дека не треба да мочкам таму кај што живеам, научив дека треба да сум мирен и да не скокам по гостите. Се предадов на целото семејство, ми купија алишта за ладните денови.

3 години подоцна…

За роденденот на мојот мал газда му донесоа прекрасно куценце, се заљубив на прв поглед, бев среќен дека имам другарче кое ке си играм. Дојдов до него, го душнав и од среќа почнав да скокам високо, жал ми е што мојата среќа сите ја сфатија погрешно, мислеа дека ќе го нападнам, мислеа дека нешто ќе му се случи ако ме остават со него, не сфаќаа дека јас така знам да ја изразам мојата среќа. Секој ден се повеќе ме одбегнуваа, ме затвараа на тераса, се осеќав осамено, исто како кога ја земаа мама. Гледав како Мина го зема моето место на спиење, гледав како ми го зема животот,  но не затоа што е она тука, туку затоа што моите газди немаа доверба во мене и ме оставаа сам. Ме носеа само надвор да мочкам, ми оставаа храна, и повторно на тераса. Еден ден дојде мојот постар газда со насолзени очи ме погали по главата, ми го стави проводникот и тргнавме. Шетавме низ цел парк, ме гушкаше и плачеше, осеќав дека нешто ке се случи но тој мене не ме разбираше дека јас му зборував дека што и да биде ке бидам со него, да не се плаши, никогаш нема да го оставам.

Влеговме во колата, возеше долго, и повремено ќе ме погалеше, застанавме на место кај што слушав многу кучешки гласови како да молеа. На вратата од тоа место имаше една мила жена која жално ме гледаше. Мојот газда ме предаде на неа, и за последен пат го видов, молев да не ме остава, но тој отиде. Изгледа дека за цело време додека бев со него не успеав да покажам дека никогаш не би повредил некој што тие го сакаат и покрај се што правев за нив.  Жената ме зема кај неа во раце и изговори: ЗОШТО ОСТАВААТ НАЈДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ?! ПРИЈАТЕЛИ КОИ БИ УМРЕЛЕ ЗА НИВ.

Тогаш сфатив дека таа го разбира мојот глас, и ја раскажав мојата приказна. Таа плачеше а јас лежев, ја зема мојата рака, ме гушна за крај, а јас ја испуштив последната солза. Осетив тапа болка на раката и само проговорив: КАЖИ МУ ДЕКА ЗА НЕГО УМИРАМ!

Јас сум гласот на животните, јас ги разбирам нивните молби, нивниот глас. Секој ден ме молат да пренесам пораки на нивните “ГАЗДИ”. Овој пат решив да ја објавам цела приказна на еден тажен пес, кој ме погоди со неговата молба. Затоа јас Ве молам, потрудете се барем малку да ги разберете, не треба се. Нивниот поглед кажува се, тие не можат да се борат, неможат да го зборуваат нашиот јазик. Но, ние сме нивниот глас и најмалку што можеме да направиме е да се избориме за нивните права!

Автор | Марија К. Хеѓкези

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР