По повод празникот на град Виница, Павловден, Музејот Теракота во соработка со Општина Виница, Ве поканува на промоција на книгата ,, Римско оружје и наоди од I до VI век во Р. С. Македонија” од проф. д-р Бошко Ангеловски. Промотори на книгата се професорите Виктор Лилчиќ Адамсен и Марјан Јованов од катедрата за археологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Книгата на авторот д-р Бошко Ангеловски со наслов „Римско Оружје и Наоди од I – VI век во Р. С. Македонија“ опфаќа еден интегрален пристап кон проучувањето на проблематиката на римското оружје генерално и наодите од просторот на Р. С. Македонија, од периодот на римската доминација, користејќи интердисциплинарен модел кој произлегува пред се’ од сложеноста на темата. Авторот покрај веќе апсолвираните сегменти кои се однесуваат на типологиите на оружјето што биле во употреба низ периодот на римската воената историја, дава осврт на примероците кои потекнуваат од просторот на Република Македонија, правејќи обид да ги интегрира за прв пат на едно место, со оглед дека материјалот од нашата земја досега бил само парцијално обработуван, споменуван во контекст на некои други пошироки теми и презентации. Книгата го разработува офанзивното и дефанзивно оружје од предметниот период на 173 страни текст и прилози, во седум поглавја и подпоглавја во кои е даден осврт на воените околности односно административната поделба на нашата земја во периодот на римската доминација, како и распоредот на римските воени единици во обработуваниот период за коишто информации даваат историските извори но и епиграфските споменици откриени на терен на којшто се споменува нивното присуство. Во тој контекст е даден и осврт на историските извори коишто ја обработуваат римската воена историја, како и типологијата на оружјето за одбрана и напад, неговите специфики и влијнија од другите народи во дефинирањето на конечните форми.
По промоцијата, а во контекст на темата што ја обработува книгата, во музејот Теракота ќе биде отворена изложбата ,,Оружје и опрема од Виничко Кале”, на која ќе бидат презентирани наоди од истражувањата што сведочат за силниот милитантен карактер ма тврдината.

НЕМА КОМЕНТАРИ