ОЧИ – АЦО ШОПОВ

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!

Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР