Автентично толкување на улицата со сите нејзини лица и асоцијациите на неа – слобода, среќа, љубов, копнеж, протест, надеж, тага, сиромаштија, страв, неизвесност, се дел од мултимедијалната изложба „Улица“ која „Лице в лице“ ќе ја отвори на седми февруари во 20.30 часот во „Концепт 37“ во Скопје.

Изложбата ќе биде достапна за публиката уште 10-тина дена по отворањето, а е дел од одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат (3-9 февруари), глобален настан кој опфаќа повеќе програми и активности кои ја слават работата на уличните продавачи. Во рамки на изложбата, ќе биде промовиран и деветтиот број на уличното списание.

На фотографиите е прикажана улицата како секојдневен предизвик за фотографското око на двајца професионални фоторепортери, Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски. Повеќе наши писатели, поети и новинари се инспирираа од фотографиите на двајцата автори и создадоа свои литературни записи и со тоа, како и фотографите, дадоа свој придонес во градењето на свеста и проактивноста во поглед на креирање подобро општество за сите.

Литературните записи се дела на: Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Дарко Лешоски, Ана Голејшка, Николина Андова, Иван Шопов, Биљана Стојановска и на Маја Васева. Поезијата и прозните дела кои ги напишаа писателите, ќе бидат и дел од перформанс на кој ќе учествуваат двајца креативци, Кристина Тодороска – Петреска и Климент Попоски од Здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), а ќе учествуваат и дел од продавачите на „Лице в лице“. Музиката е на „Мaмут и Јашем“ (Mammoth & Yashem), од цедето насловено „Музика за неснимен краткометражен филм“, издание на независната издавачка куќа „Шарла“. По перформансот, музика ќе пушта Ненад Тонкин. На самиот настан, публиката ќе има можност да го купи ова оригинално музичко издание, како и уште две на домашни автори кои издаваат за „Шарла: „Свети Никола Тесла“, деби ЕП издание на „Коридор 10“, како и „Деца во длабоко“ на Пиколомини.

Фотографиите од изложбата ќе бидат дадени на аукција, а парите ќе се наменат за поддршка на програмите на „Лице в лице“.

Глобалниот настан, Меѓународна недела на продавачи на уличен печат, кој во Македонија го одбележува „Лице в лице“, го слави претприемачкиот дух и ја предизвикува јавноста за прашања поврзани со сиромаштијата и со бездомништвото ширум светот.

Продавачите на „Лице в лице“, околу 40 на број, се на повеќе места низ Скопје, Неготино, Струга и Битола, а во рамки на Неделата, имаат можност поинтензивно да ја добијат поддршката од граѓаните но и од компаниите, организациите, институциите кои ќе ги поканат на гости.

 


СПОДЕЛИ
Претходна објаваРеалност на хартија | Karla Mialynne
Следна објаваОд желба до гордост | The Bell’s whisky
Вљубеник во уметноста и дизајнот, пружа несекојдневна и ретка презентација на истите. Носител на особена артистичка визија поткрепена со последните модни случувања, својата визуелна меморија успешно ја инкорпорира во светот на заборавените уметнички вредности. Подржувач и промотор на хуманоста, вешто ја унапредува како креативната, така и хуманата страна на животот.

НЕМА КОМЕНТАРИ