Вчера дознав дека го изгубив мојот поранешен пријател. Можеби ќе ви е чудно и ќе се запрашате како може да се изгуби пријател кој што веќе не ти е пријател? Ако одвоите мал дел од вашето време и продолжите да читате, ќе ме разберете.

Се викаше Мартин.  Се запознавме многу одамна, во дворот на црквата Св.Мина.

Беше прекрасен ден, иако сонцето ги беше распослало своите зраци кои што жареа, a ветрот се бореше со него и ни праќаше свежина од боровите шуми под црквата.  Црквата славеше некој празник. Мирисот на темјан и грав што се вари беше измешан во воздухот. Неколку жени ги редеа чиниите на дрвената долга маса. Oстанатите луѓе играа, еден човек чукаше со тапан, а другиот со хармоника. Челата им беа светнати од пот, но на усните им се гледаше насмевка и уште некој останат златен заб. Децата трчеа, играа некакви игри.

Во дворот ме внесе дедо ми Јордан. Сеуште го помнам неговото мило лице со бели бркови. Бил херој, а хероите носеле бркови, така ми велеше. Никогаш немав видено толку луѓе на едно место, се исплашив и го стиснав дедо за рака уште посилно. Тој добро знаеше што значи мојот стисок, се наведна придржувајќи се за бастумот: “Мила моја, не се плаши, јас сум тука со тебе, ајде дојди заедно ќе одиме кај децата”.  И јас попуштив, кротко како јагне чекорев, допирајќи се до неговата нога и срамежливо наведнувајќи го главчето.

Погледот ми го привлече еден старец кој влезе во дворот веднаш после нас. И тој држеше едно малечко момче за рака. Но. за разлика од мојот дедо, облечен во сив костум, овој носеше износени кафеави панталони, бела кошула со крпен лакт. А на нозете имаше опинци. Веднаш ми се појави чувство на сожалување, не го тргнував погледот од него.   И детето до него ја направи истата постапка како и мене, се исплаши од толку многу луѓе, беше малку поголемо од мене, но веројатно и тоа никогаш не било помеѓу толку многу луѓе. Но неговиот дедо, не направи исто како и мојот. Го турна и почна да му вика: “Што се гураш во мене, толку луѓе, толку деца, ти до мене. Знаеш која е твојата задача, тргни се од мене, остави ме да се веселам“. Го пушти од рака, од распалталавениот џеб извади хартија и тутун и почна да ги мота. Одеше сам, како таков и да дошол. Тогаш за прв пат во животот почувстував омраза, иако и не бев доволно запознаена со тоа чувство. Се сеќавам дека ги собрав веѓите, го збрчав челото, дишев забрзано и не го тргнував остриот поглед од него. Тој ме примети, дојде до мене: “Јордане твоја ли е принцезата? Машала, машала, како кукла е, пораснала. Мноогу ти е луто детето, сте го размазиле. Види го мојот, не смее да мрдне”. Јас се сокрив зад дедо, се исплашив од човекот кој мирисаше на тутун. Тој почна да се  смее,  му ги видов само пожолтените заби и го свртев погледот од него, повеќе не сакав да го видам.

Погледот ми остана вперен кон детето кое влезе со него. Беше мирно и тивко. Седеше на страна и ги гледаше децата како си играат. Според изгледот, беше постаро од мене. Имаше коса како слама, жолта, залепена за главата, само по некој прамен му штрчеше. Носеше пластични влечки, панталони со една подолга, а друга пократка ногавица. Се сеќавам дека дека се обиде да влезе во кругот со деца и да си игра брканица и тој со нив, но никој не го прифати. Се разбегаа од него и почнаа да му викаат “Tргни се крадецу!!!“. Го повлеков дедо за сивото палто: “Дедичко, што е тоа крадец?”.  Дедо секогаш беше спремен да одговори на било какво мое прашање. Ме однесе до клупата, седнавме и рече: “Па тоа е кога некој ќе земе нешто твое, но без прашање и твое знаење”/. Никогаш не бев слушнала за тој збор. Чудно ми беше, но не знаев колку големо значење има. Потоа дедо додаде “Божја заповед е да не се краде. Немој никогаш во животот да ја прекршиш”.  Ми вети дека ќе ми даде чоколада ако си играм со децата, но јас прво му реков да ми ја даде, а после да отидам да се играм. Извади од џебот една, замотана во шарена хартија и ми ја даде. Ја скрив зад грбот и срамежливо се приближив до момчето кое седеше на едно паднато дрво. Му ја подадов. Тој ме гледаше чудно, а потоа со одбивност рече “Што сакаш?”. Не му одговорив ништо, само седнав до него. “Ти не разбираш што значи да се тргнеш, губи се од тука, не смее никој да не види заедно. “. Бев единствено дете во семејството, сите ме чуваа како капка вода на дланка.  Не бев научена некој да се однесува така со мене, станав разочарана и тргнав кон дедо ми кој стоеше со некои пријатели. Тогаш момчето ме пресретна и рече да го чекам кај портата, ќе дојде веднаш. Отрчав до портата, застанав и почнам да јадам. Некој ми се приближи од зад грбот: “Се викам Мартин и имам 7 години“.  Се сетив дека треба да бидам културна како што ме учеше мајка ми, ја пружив раката и реков: Mило ми е, јас се викам Мартина, имам 3години”. Тогаш тој прифати да ја поделиме чоколадата. Но сеуште беше така нервозен. “Ти потекнуваш од најбогатото семејство во околинава, имаш родители, роднини. Додека дома спиеш на меко во топлата постела, јас спијам во најтрошната куќа, горе на ридот, на дрвени греди. Кога  неможеш да направиш нешто никој не ти се лути, јас ако не донесам тоа што ќе ми каже дедо ми, ме тепа. А го имам само него, не сакам да го гледам како се нервира, што би правел после сам…” – толку брзо ми кажа многу информации, имаше нешто тажно во неговиот глас колку што можев да разберам, но тој си замина. Jас отидов кај дедо: „Дедо, ај да му направиме куќа на Мартин?“

Насмевката и милиот поглед на неговото лице ги снема. “Не смееш да се дружиш со него. Тој е крадец!”. Пробав да му објаснам, но тој не ни сакаше да ме сослуша.

И на мајка ми често и зборував дека сакам да ме води кај него, но таа ми велеше дека тој ќе ме украде и ќе ме продаде на ромите. А јас најмногу се плашев од нивните шалвари.

Помина цела година, мојот дедо почина, а јас бев многу тажна. Го видов дедо дека лежи со луѓе собрани околу него, но ми рекоа дека спие. Не ми дадоа да го разбудам. Никој не ме примети, јас излегов од дома. Седнав на пруга и си играв со камчиња. Слушнав само некаква силна свирка, чад и нечии раце на моето тело. Летев малку во воздух, па треснав на земјата. Се свртев, лежев, со разбиени колена и Мартин беше покрај мене. Ми го спаси животот.

Бев со него цел ден. Ми објасни дека човек кога ќе почине оди на небото, ако бил добар во текот на неговиот живот. Ако бил лош, тогаш оди под земја.  Не ми беше јасно зошто кога одевме на гробот кај дедо, тој беше под земја, а беше толку добар.  Но Мартин ми објасни дека неговиот дух е на небото. Дека тој сега е ангел и ме гледа што правам. Од тогаш започна и нашето тајно пријателство.

Се криев дека одам да си играм со деца, јас бев со него. Би биле ние и заедно со другите, но никој не го сакаше, а тој не ми даваше да ги убедувам каков е. Јас го имав прифатено без да размислувам на разликата помеѓу нас.

Ме научи на многу работи кои дома никој не ми ги покажа. Како се прави куќичка со сламки, како да се качам на дрво и да се спуштам. Ми правеше и лулашка со јаже, на дрво, па по цел ден ме лулаше. Таква ми беше поинтересна од онаа што ја имав дома. Заедно прибиравме мачки  и кучиња скитници од улицата и ги носевме во нашата куќичка.  Многу пати алиштата кои мајка ми ги исфрлаше од плакарот на татко ми, јас му ги носев на него. Често пати знаев да земам и јадење од дома, па да го поделам со него.

Игравме игри со камчиња, фудбал, џамлии. Сите машки игри ги знаев.

Дома ми се лутеа што веќе не сум милата принцезичка која што бев порано, но мене ми беше поинтересно да бидам таква, хиперактивна. Па почнаа да се навикнуваат на моето однесување.

Не знаеше кога е роден, па се договоривме на ист ден да ни е роденден. Сечев парчиња од мојата торта и му ги носев. Некој подарок што го добивав од другарките, го криев и му го носев на него. Кога тргнав на училиште тој ме испраќаше наместо мајка ми и ме чекаше. Дома лажев дека  не ми е страв да се вратам сама, дека сум многу храбра. Татко ми еден ден сакал да ја провери мојата храброст  и ме следел до училиште. Кога се вратив дома ја добив првата врела шлаканица во животот зошто лажам и се дружам со таква личност. И покрај тоа, јас не престанав да го сакам и да се дружам со него.

Мартин никогаш немаше отидено на училиште, па кога јас научив да читам и пишувам го учев него. Земав од дома бајки и му ги читав, а тој уживаше. Некогаш знаевме и заедно да измислуваме приказни.

Не му пречеше да се игра со моите барбики и да ги облекува, заедно им шиевме облека. Па кога ќе завршевме со тоа, ги оставме на страна и игравме џамлија. Подоцна ме учеше да пливам. Ќе се качевме во воз и одевме на река, после го чекавме да се врати и ние се враќавме дома. Имавме секакви планови за иднина, ги правевме доцна во ноќта кога ќе излезев од прозорецот и седев со него се додека сонцето не почне да ги подава своите зраци од зад ридот.

Понекогаш заспивав во неговите прегратки. А кога и да ги отворев очите тој секогаш ме гледаше, внимаваше на мене.

Беа тоа прекрасни моменти. Но, во животот не може да биде се така розово.

Слушнав дека починал неговиот дедо. Дојдоа едни луѓе, со сина кола. Не ми беше јасно зошто Мартин плаче и се тегне, јас стоев мирно во толпата на луѓе и го гледав. Мислев дека е болен и ќе го водат во болница. Но погрешив.

Тоа беа луѓето од социјална служба кои што имаа обврска да се грижат за него како дете без родители. Мораа да го вдомат.

Многу ми беше тешко да се навикнам без него. Одев на местата на кои си игравме заедно и очекував да се појави. Него го немаше. Понекогаш викав најсилно што можев: „Maaaaaaaaaртин!!!“. Не се плашев дали ќе ме слушне некој, сакав само да го видам. И од спиње се будев со мокри образи, го барав, го немаше.

Започнав нов живот. Немаше ништо како што било претходно.  Но секој среќен момент помислував на него, сакав да ја споделам среќата со него. И кога бев тажна го барав белото момче, сакав да го прегрнам, да ме развесели кога ќе ме штипне за носето. Времето полека ја бришеше мојата тага, но не и моите спомени. Тие ги чував длабоко во мене, како и љубовта за него.

А се што правев, беше за него. За тоа што си го ветивме еден за друг.

Му пеев, а сега пеев за други. Но секогаш ги затворав очите, го замислував него како седи во зелена ливада, облечен во некоја маица на тато. Секогаш се трудеше да изгледа добро пред мене. Беше мирен, ме гледаше. Ми свиреше со гитара. Тоа беше негова најголема желба, да купи гитара и да научи да свири, тој да свири, јас да пеам.

Имав многу пријатели. Постојано бев со многу луѓе. Тагата по Мартин ја немаше повеќе.

Некогаш кога ќе поминев покрај нашите места, ќе се сетев на него. Но повеќе немав време да одам таму.

Еден ден, се шетав со моите пријателки. Седнав на кафе во најелитното кафуле во градот. Покрај нас помина еден човек, со долга коса, испиено лице, брада. Беше целиот во партали. Случајно фрли поглед во нас  и застана. Како да удри во нешто. Ме привлекуваше неговиот поглед, имаше нешто во тие очи, нешто познато.

Станав и излегов да го погледнам поубаво. Но него веќе го немаше. Си мислев ми се присторило. Повторно ми се врати неговиот спомен. Дури тогаш се замислив што ли се случува со него?

Ми беше криво зошто никогаш не го побарав. Но бев толку преокупирана со другите луѓе околу мене. Изгледаа добро, но не беа добри како него. Тој имаше срце.

Имав огромна желба да го сретнам, да разговарам со него, да бидеме блиски како некогаш порано. Им се извинив на пријателките дека имам работа, излегов од кафулето и отидов во полиција. Ги замолив да ми кажат било каков податок, рекоа само дека само во домот можам да најдам таква информација. Отидов и таму. Ме известија дека избегал. Дека бил шизофреничар и постојано зборувал со некоја девојка.Ме стегна нешто во срцето, имав огромна грижа на совест. Мојот Мартин ме барал мене, му било тешко, а јас никогаш не успеав да одвојам време и да го побарам.

Цел ден кружев во градот. Го немаше никаде. Не знаев ни кого барам, ни каде да го барам. Како изгледа, со што се занимава, дали е жив, немав никакви податоци за него.

Наредните денови сите ме прашуваа што се случува со мене. Се приметуваше загриженост на моето лице, но никој не успеа  ништо да извлече од мене

Отидов со брат ми заедно на пруга, на местото каде што седев со Мартин.  Му раскажував за нашето пријателство. Ме праша што би правела ако го видам…

“Не знам што ќе правам ако го видам, веројатно ќе го прегрнам. Ми фали. Ми фали детството и времето што го поминав со него. Тие прекрасни спомени.“

Но не би можела да бидам со него. Имаме сосема различни патишта. Тој веројатно сеуште нема капка вода во очите, ќе трееба да го сожалувам. Што би можела друго да правам со човек без перспектива…

Мила моја Мартина, те слушнав се што рече. 4 години живеам во куќата на дедо ми. Секој ден одам на местата на кои одевме заедно. Ти ја вртеше главата секогаш кога поминеше тука. Сама бегаше од спомени. Се плашеше што ќе правиш ако ме видиш. И јас се плашев. Знаев дека нема да бидеш со мене никогаш повторно. Се плашев дека ако ме видиш во партали, нема да сакаш ни да ме прегрнеш.  А копнеев по твоите прегратки.

Не сакав да ти се мешам во животот, живееше добро и без мене.

Запомни ги моите очи полни со љубов. Не се сеќавај на мене, бидејќи никогаш не ти се допаѓаше мојот изглед. Јас секогаш ќе внимавам на тебе, како што правев и порано.

Се надевам дека ќе бидеш среќна во животот. Ти ја заслужуваш целата среќа на овој свет.

Те молам чувај ме сеуште во срцето, сакам засекогаш за бидам со тебе. Уште одамна си имам резервирано место таму, нели?

Вечно твој, Мартин

Оваа писмо го добив вчера.

Го нашле во џебот на  некој скитник. Било адресирано на мене. Мое име и презиме, моја адреса, ракописот на Мартин. Сеуште оној лош и неизвежбан. Никогаш не го научив да пишува убаво.

Немав време за тоа.

Животот ни ги раздели патиштата. Не раздели нас.

Остануваат само спомени кои ќе не спојуваат засекогаш.

И вечната љубов кон него која тивко ќе спие во моето срце. Го погребаа на гробиштата кај Св. Мина, по моја желба. По моја желба и нарачав споменик гитара, она што никогаш не успеав да му го обезбедам додека беше жив. Почивај во мир галебе мој. Ангелите сигурно чуваат посебно место за тебе.

Мартина Н. (2013)

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМашки тренд | Контрасни ракави
Следна објаваНаправи сам | Бохо шорц
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР