„Како што жолтата боја секогаш е придружена со светлина, тогаш може да се каже дека сината го носи принципот на темнината со себе. Оваа боја има необичен и речиси неопислив ефект врз окото – како што нејзините нијанси се моќни, така е моќна и нејзината негативна страна; но во нејзината највисока чистота, стимулира негација на овој факт. Нејзиниот изглед е еден вид на противречност помеѓу возбудата и спокојот.“

-„Теорија на бои“, Гете

Доколку се прифати она што Гете го вели, тогаш оваа книга е неверојатно сина –  и, истовремено е една од ретките чиј наслов имплицира вистинска суштина на содржината. Синиот роман, кој практично предходеше на „Девојката со бисерна обетка“ е всушност авторско првенче на Трејси Шевалие, со неверојатен квалитет и тежина, објавен во 1997 година во Велика Британија. Успехот на бисерната обетка го најави и успехот на „Паднати ангели“, чија темнина не изостана дури и во „Девојката и еднорогот“, приказни чија средишна точка говори многу за човечките падови, ниски страсти и уметнички ефекти. Пресликување на две речиси идентични, но временски диференцирани судбини кои по основ неверојатна случајност илустрираат генетска поврзаност со сите свои уникатни и маркантни карактеристики – лик, карактер, подложност на болести.

„Таа беше наречена Изабел, и кога беше малечко девојче нејзината коса ја менуваше бојата во она време колку што треба една птица да го повика својот пријател..“

Заплетот е комплексен и малку аморфен, тежок за разграничување бидејќи приказната се развива паралелно врз две судбини – сместени во Франција, со 400 години разлика и неверојатна умешност на Шевалие да создаде премногу бавна подлога за заговор, имено потпрена на елементот на мистерија. Нејзината способност да создаде фиктивна реалност – особено историска, е толку силна што читателот станува зависен од Изабел. А подоцна и од Ела. Сторија стационирана во француското средновековие, жртва на патријархален брак, отелотворена во црвенокоса приврзаничка на Девицата Марија наспроти честа ситуација на преселба и адаптација, млада Американка заглавена во навидум совршена врска, со аспирација и вдомување во единствениот Париз. Дали затаеноста на семејното злосторство закопано длабоко во заборавените семејни врски може да помине неказнето? Дали бунтот против таквиот живот добива различен третман согласно времето во кое се живее или истиот останува задушен во срцето како татнеж и стремеж да се исправат работите? Авторката за своите приказни,  нескромно вели:

„Ретки се книгите, кои победуваат во борбата против уморните очни капаци.“

Дали ова е една од нив, останува да одлучите откако ќе одговорите на прашањето дали е во ред да се постапи правилно во насока на себеси или да се цели кон општо добро, но не и добро за себе… неминовно, „Девствено сино“ е синоним на мистериозна табу нота во чии историски паралели несомнено ќе уживате.  Зголемувањето на бројот на случајности, непходни за паралелата е малку покомплексен да се сфати веднаш, се’ додека авторката не води кон ситуација на недоверба којашто никако не ја преминува линијата. За разлика од сите нејзини останати романи, оваа не е љубовна приказна. Ова не е книга која ќе направи да се чувствувате добро: токму напротив, ќе Ве доведе до непријатна ситуација која што долго време ќе остане со Вас, што практично, е знак на вистински квалитетна приказна.

 

 

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНаправи сам | Украсна „завеса“
Следна објаваФикција и реалност | Victoria Audouard
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР