Амбициозниот Џонатан Сафран Фоер на свои 28 години ја објавува виртоузната приказна за малиот и симпатичен протагонист: нестандардна книга од која ѕиркаат фотографии, писма, страници од списание и традиционален наратив низ ликот на деветгодишниот Оскар Блум, кој се бори да закрепне по смртта на неговиот татко во терористичкиот напад од 11ти септември. Книгата го следи Оскар откако тој ќе открие клуч во плик, случајно скриен во плакарот на татко му една година по неговата смрт, а потоа Ве води во едно неверојатно патување низ петте населби на Њујорк за да ја најде соодветната брава. Запоставен од својата депресивна, панична и хронично ненаспана мајка, тој е препуштен сам на себе да се справи со болката и сам да го преживува сопственото умствено созревање.

„Понекогаш можам да ги слушнам моите коски кои се протегаат под тежината на сите животи кои што не сум ги живеел.“

2

„Потребни ни се огромни џебови, доволно големи за да ги соберат нашите семејства и нашите пријатели, па дури и луѓето кои не се на нашата листа, луѓето што никогаш не сме ги запознале, но сепак би сакале да ги заштитиме. Потребни ни се џебови за сите населби и сите градови, џебови кои може да го соберат дури и Универзумот во нив.“

За разлика од било кое друго дете, Оскар е екстремно љубопитен и неверојатно паметен, со впечатлива доза на креативност и интерес во сите полиња на живеењето, независно неговите скромни години. Тој живее со константен синдром на постојано измислување – дали тој измислува случки или полезни направи кои ќе го олеснат животот, до механизми кои може да ги исправат чувствата и односите. Неговиот омилен израз кој е супститут на депресијата е „облекување на тешките чизми“ како фраза која го заштитува од тежината на терминот „депресија“. Редовен на своите сесии кај психијатарот, тој вешто се носи со тагата за своите години.

„Во кревет таа вечер, измислив специјална направа која ќе стои под секоја перница во Њујорк и што ќе биде поврзана со резервоар. И кога и да заплачат луѓето пред да заспијат, сите солзи ќе одат на едно место – за утрината метеролозите да направат извештај за нивото на водата во Резервоарот на солзи. Дали тој се зголемил или намалил, па на тој начин ние би знаеле дали Њујорк има облечено тешки чизми.“

Паралелно со неговата приказна, читателот се соочува со низа на писма, таинствен лик кој не зборува, како и една нетипична љубовна приказна која вклучува две сестри и еден маж – едно семејство без знаци на интерпукција, едно уметничко семејно стебло низ кое раснат филозофски прашања каде зборовите се преклопуваат еден со друг, се до моментот на нечиткост. Додека Вие ќе помислите дека е грешка на издавачот, во меѓувреме ќе Ве пречека испринтана фотографија која сведочи за несреќната судбина на птиците чиј брз лет ги води кон смрт директно во стаклата на облакодерите:

3

Зошто не ми кажа „збогум“?
Си направив модринка.
Зошто не ми кажа „те сакам?“

Три различни стилови на пишување од три различни наратори повлекуваат еден книжевен контраст и авторски предизвик кој дополнително го заробува читателот во една трилер-потрага по вистинските одговори, без на секунда човек да се посомнева дека работи во тимот на деветгодишниот научник. За некои неформалниот стил на изразување може да биде сфатен како иритантен, но под никој услов, здодевен – одвреме навреме прилично шизофренички, но истовремено интелигентно раскажување за најголемата загуба на светот и нецелосен развој во една комплетна личност. Со настојување на авторот приказната да се движи со доза на неизвесност, некаде надвор од секојдневниот свет, на цврста основа со неговите баба и дедо, оваа сторија доста наликува на басна чие емоционално патување кое го открива животот дел по дел дефинитивно ќе Ви го скрши срцето. Крајна оценка е оригинален пулс на еден емотивен детски портрет кој, за разлика од возрасните, свесно се соочува со сопствените слабости.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објава10 крајно разочарувачки факти за книгите
Следна објаваМесечината – најблиску до Земјата
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР