Никој не може да се врати назад, но секој може да оди напред.

А утре, кога сонцето ќе изгрее, сѐ што треба да си речете себе си е:
Ќе размислувам за овој ден, како да ми е првиот ден од животот.

Ќе гледам на членовите на моето семејство со изненадување и воодушевување, задоволен што сум открил дека тие се на моја страна, тивко споделувајќи го тоа мало, неразбрано нешто наречено љубов.

Ќе поминам покрај питач кој ќе ми побара пари. Ќе му ги дадам, можеби, или пак ќе го одминам мислејќи дека ги потроши само на пиење. Додека го правам тоа ќе ги слушнам неговите навреди, знаејќи дека тоа е само неговиот начин на комуницирање со мене.

Ќе поминам покрај некој кој се обидува да урне мост. Ќе се обидам да го запрам, можеби, или пак ќе сфатам дека го прави тоа бидејќи нема никој кој го чека од другата страна. Дека ова е неговиот начин на кој се обидува да ја отфрли својата осаменост.

Нема да ги запишувам нештата кои и не е веројатно дека ќе ги заборавам, туку ќе напишам песна. Дури и ако не сум напишал ниту една претходно, ниту пак ако никогаш повторно не го сторам истото, барем ќе знам дека некогаш сум ја имал храброста да ги претворам своите чувства во зборови.

Ќе продолжам да се смеам, затоа што не ми пречи луѓето за мене да мислат дека сум луд. Мојата насмевка е мојот начин да им кажам: ,,Можеш да го уништиш моето тело, но не и мојата душа.’’

Ако е сончево утре, сакам да гo гледам небото за првпат на вистинскиот начин.
Ако е облачно, пак, сакам да видам во кој правец се движат облаците.

Секогаш мислам дека немам време или дека не обрнувам доволно внимание. Сепак, утре ќе се сконцентрирам на правецот на облаците, или сончевите зраци и сенките кои ги создаваат.

Над мојата глава постои небо за кое целото човештво, илјадници години ткаело низа разумни објаснувања. Ќе заборавам на сѐ што сум научил за ѕвездите, и тие ќе се престорат уште еднаш во ангели или деца, или во сѐ што јас ќе сакам да верувам во тој момент.

За првпат, ќе се насмеам без да чувствувам вина, бидејќи радоста не е грев.
За првпат, ќе избегнам сѐ што ми причинува болка, бидејќи страдањето не е доблест.

Ќе го живеам овој ден како да ми е прв, и дур трае, ќе ги откривам сите нешта за кои не сум ни знаел дека постојат.

Иако сум минал покрај истите места, и сум им рекол ,,Добро утро!’’ на истите луѓе безброј пати претходно, утрешното  ,,Добро утро!’’ ќе биде поинакво. Нема да биде само учтива формула, туку благослов.

А ако сум сам кога ноќта ќе падне, ќе појдам до прозорецот, и погледнувајќи горе кон небото ќе бидам сигурен дека самотијата е само лага, бидејќи јас го имам целиот универзум за придружба.

И тогаш ќе го живеам секој час од мојот ден како постојано изненадување, за ова ,,ЈАС’’, кое не го создале ниту мојот татко, ниту мајка, ниту пак училиштето, туку сѐ она што сум искусил досега. Ненадејно ќе го заборавам, за одново да го откријам.

И да ми е ова последниот ден на Земјата, ќе уживам во него до максимум, бидејќи ќе го живеам со невиноста на дете, како сите нешта да ги правам за првпат.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваТелесна конекција | William K
Следна објаваКниги во изградба | Frank Halmans
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ