Беше рано попладне кога стариот човек се качи на таванот. Со цел да најде алатки за да ја смени бравата, налета на стари кутии запечатени со етикета „спомени“. Знаеше што се крие во нив и седна да ги разгледа… стари албуми со фотографии, сеќавања на неговата одамна почината сопруга и неговиот пребрзо пораснат син. Убава емоција му го стопли срцето: сите животни радости кои ги беше доживеал, ги беше доживеал со својата сакана и своето чедо. Без да покажува слабост, ги врати албумите назад во кутијата, но еден нотес со впечатливо жолта боја му го одвлече вниманието. Беше убеден дека никогаш не го видел во својот живот додека го држеше во рацете. Љубопитно го отвори и забележа дека е дневник на неговиот син Марко, пишуван секој ден како сведоштво на неговото детство. Низа детски активности и агнедоти развлекоа несвесна насмевка на лицето на старецот. Радосно продолжуваше да чита, се расположи при напливот на позитивни емоции и сеќавања. Првиот ден на училиште, заедничките дружења во луна парк, казните за излегување надвор, летувањата. Го зеде дневникот и се симна во својата работна соба. Се сети дека истиот период водеше детален дневник на своето работно место. Го побара во библиотеката, го најде прашлив позади книгите за само-помош. Седна и почна да чита… здодевни статистики, безначајни познанства и ред-два за семејството. Чисто колку да се обележат родендените и годишниците. На 6ти јуни 1988 година, во неговиот дневник стоеше:

„Денес бевме со Марко на риболов. Не уловивме ништо.“

Се сети дека таа година беше застапена и во дневникот на Марко – во брзање го побара датумот и отвори на страницата означена со 6ти јуни 1988. На страницата со детски ракопис беше напишано:

„Денес бевме на риболов со тато. Најубавиот ден од мојот живот!“

Старецот се расплака како дете и во својот дневник допиша:

„…малите работи се ценат дури откако ќе ги изгубите…

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНајмалата книжарница на светот
Следна објаваЕден ден во Индија
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР