Библиофилите ќе се согласат: доколку не сме во мисија да ги тероризираме книжарниците за време на попусти, тогаш сигурно ги прогонуваме библиотеките. Секако, тоа го правиме редовно. Во книжарниците, претежно е тешко да се сретнеме со некој кој би ни забранил пристап во истражувањето од причина што „потрошувачот е секогаш во право“; но, не би можеле истото да го кажеме и за библиотеките. Како јавна институција, истата подлежи на ред и етички кодекс на однесување, кој начесто служи како парадоксален изговор на вработените да се однесуваат како сопственици на истата (секоја чест на исклучоците). Денес, на репертоар имаме еден поинаков вид на вработени… релативно помали, со квалитетно крзно, 4 нозе и бесчујност во движењето. Не ве асоцира на библиотекар/библиотекарка? Можеби затоа што никогаш не сте влегле во дуел со вистинските чувари на книгите…

Библиотекарските мачки се еден феномен кој од поодамна е присутен во книжевниот свет. Со бројка од 809 мачки како постојани жители, преку 500 од нив се сместени во американскитебиблиотеки. Во својство на чувари на класиците, фикциите и романсите, мачките се постојани резиденти во библиотеките и умешно се снаоѓаат во сета благородна тишина, шетајќи помеѓу полиците, спиејќи под контролното биро. Се чини дека библиотеката и за нив важи како катедрала на душата – неколку од нив ќе погледнеме денес, а доколку Вие имате некој пример на библио-мачка која дреме во библиотеката во Вашиот град, споделете со нас.

1

Дуи, Ајова

Познатата маскота на библиотеката во Ајова станува жител на истата откако некој од членовите го заборава кога доаѓа да ги врати позајмените книги. Портокаловиот Дуи е веднаш прифатен од вработените и совршено се снаоѓа во својата улога. По 19 години, тој не ја дочекува својата пензија и умира во самата библиотека. До ден-денес, тој е инспирација и точка на препознатливост во библиотеката како негов дом.

2

Тиелси, Небраска

Дама која живее во јавната библиотека во Небраска, фан на сите книги кои во својата насловна илустрација вклучуваат мачки и риби. На нејзина среќа, библиотеката поседува камин, па Тиелси логорува непосредно пред него бидејќи е зимурлива и за време на летниот период.

3

Пејџ, Њујорк

Во корелација со библиотеката, оваа сива убавица е наречена Пејџ (Страница) и е жител на Cazenovia Library од 2009 година. Прилично хиперактивна, но навистина вредна вработена мачка, највеќе ужива пентарењето на највисоко поставените книги. Можеби, за да избрише прашина?

4

Броусер, Минесота

Одговорен мачор во јавната библиотека од 2002 година. Тој има сопствен блог, ги чува децата додека библиотекарот им чита приказни и продава своја линија на шолји, привезоци и обележувалки за книги. Неговото најголемо животно достигнување е гостување во документарниот филм на Signe Veje.

5

Валдо и Оливија, Вашингтон

По имињата на измислената крими-двојка на авторката Julie Campbell Tatham, Валдо и Оливија се на функција од 1999 до 2005 година. Посвоени пред библиотеката да доживее намалување на буџетот, но сепак остануваат да живеат во неа поради нивните силни карактери.

6

Тобер, Тортаун

Преселен во јавната библиотека во 2008 година, во повеќе-кратна улога: чувар, ловец, блогер, забавувач. Најчесто, во улога на рецепционер, ги пречекува членовите на библиотеката и ги придржува додека тие избираат која од книгите ќе ја понесат дома.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објава3.1 Phillip Lim | Машка колекција
Следна објаваПортрети од кафе, чај и мастило | Carne Griffiths
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

2 КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР