atlasOblaciteЕкстравагантно надарен трагач по последиците од империјалистичката алчност, далеку во иднината, самиот крај од цивилизацијата. Диво возење со новата генерација, научно-фантастичен елемент кој се издигнува над сета уметност и филозофија на светот, испитувајќи го најприродниот феномен во Универзумот. Неверојатна уметност на хартија: романсиерот Дејвид Мичел е текстуален танчар кој може да прави пируети од валцер, уличен танц, класична музика – па се’ до германската филозофија, новинарството во 80тите години и теоријата за новиот свет. Доколку читателот се одлучи да го почитува пред да ја чита книгата поради својот сериозен пристап, половина од неговиот аманет е веќе исполнет. Но, внимавајте… „Полу-прочитана книга е како полу-завршена љубовна врска“! Читателот мора да внимава на својата концентрација бидејќи секое погрешно толкување води кон погрешно вреднување на правилата/околностите…

„Нашите животи не се наши сопствени. Ние сме обврзани кон другите – минатото и сегашноста, од секој криминал и секоја љубезност, се раѓа нашата иднина.“

Серија на разнообразни робови на општеството, секој од свој агол карактеристичен и угнетен, независно од видот на уредување во кое самиот припаѓа. Ако англискиот адвокат му служи на законот, геј-композиторот е жртва на сексуалните предрасуди, црната новинарка е мета на мафијата, стариот издавач е затвореник во старачкиот дом, фабрикуваната келнерка робува на системот, додека пост-апокалиптичниот жител е роб на обожуваната божица, која во суштина, не е божица. Теоријата за вечното враќање на Ниче, и покрај точката од која нема враќање, концепирана во смртта – смртта како врата кон нов живот, теорија која вели дека не сме слободни, дека од колевка до гроб сме врзани едни со други, осудени да се бараме во наредните животи ако веќе еднаш сме се нашле во предходните. Да се бориме за истите потреби без разлика каква улога сме имале во било кој од нашите животи… различни луѓе, различни нивоа на здраствена веројатност и психичка подготвеност да реагираат на можноста да бидат преродени, одново и одново да се повторува животното искуство на сета пријатна и болна низа на детали. Ако оваа книга во својата суштина го крие атеизмот на Ниче, тогаш тоа го прави крајно суптилно и убедувачки настоено бидејќи емотивно удира во слободната волја на личноста, која не е детерминирана од ерата и општеството. За луѓето е својствена слободата, бегството од реалноста и ослободување од болката – вели филозофската поента на Облачниот Атлас. Идентификација на судбините, повторување на репликите и препознавање на малите составни делови на животот кои останале во својство на сеќавање од некое минато живеење. „Мојот живот се сведува на не повеќе од една капка во неограничениот океан. Сепак, што е океанот, ако не мноштво од капки?“ се вели во ремек-делото на Мичел. И токму тие капки се способни да ја покренат најголемата револуција во историјата на човештвото.

„Моќ, време, гравитација, љубов.
Силите кои навистина ја движат Земјата се всушност, невидливи.“

Овој волшебен роман ги брише границите на јазикот, жанрот и времето за да понуди медитација за опасната алчност на човештвото за власт и какви последици истата може да предизивика. Нараторите на Облачниот Атлас го слушаат сврзувачкото ехо на нивните животи по ходниците на историјата додека нивните судбини се релативно променливи и зависни од нивните сопствени дела. Лондон Тајмс ја препорачува како „отворете ја главата на Мичел, и таму ќе пронајдете екстазна симфонија на инвентивноста на идејата која лета надвор од бенигното општество и ја отвора Пандорината кутија…“, додека Book Page ја оценува со „оваа книга е толку достојна за восхит, што читателот се стекнува со впечаток дека има неколку Дејвид Мичел и секој од нив напишал по еден дел од истата.“ Високо препорачлива, брилијантна загатка која ќе внесе револуција во Вашиот ум.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПатуваме во Марсахлок, Малта
Следна објаваКуќа со неколку различни погледи
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ