Кога животот ја отсликува уметноста пред вашите очи, знаете дека универзумот ви се обраќа директно, чувствително барајќи да се разбудите и да обрнете внимание. Јас тоа го нарекувам ,, потрес на душата”. Еден викенд, ми се случи огромно будење. Ги носев мојата петгодишна ќерка и нејзиното мало пријателче на проба за мјузиклот ,,Мачки’’. Пред студиото, на улицата се наоѓаше жена, бездомник, завиткана во партали од кои се ширеше остар мирис, стуткана, влечејќи пет торби до ,,никаде’’.

Мало девојче и неговата мајка беа пред нас.
,, Што не е во ред со таа жена?” – запраша девојчето.
,,Таа е бездомник – нечиста е.’’ – oдговори мајката. ,,Игнорирај ја!”

Глетката од таа човечка трагедија навлезе во мене со молскавична брзина, горејќи рана во моето битие. Ја набљудував со погледот мајката чии зборови ме шокираа, а потоа повторно очите ги вперив кон жената на улицата, додека автомобилските сирени ја исвиркуваа.

Ги внесов децата, и брзајќи се искачував по скалите. Погледнав низ прозорецот и ја здогледав жената на улицата – трагична слика за една скршена душа, со мојот одраз на стаклото. Едната, во потрага по минатото на другата.

Како ли станав дел од оние кои само минуваат покрај ваквите нешта, a сведочат за нив?!

Стигнав горе, држејќи ја за дланка мојата ќерка, во обид да и ја покажам преку сопственото дело вештината на живеењето совесен живот. И, тука се пронајдов себеси, за жал, колку сум несовесна. Колку е лесно да судиш, игнорираш, да порекнуваш толкава болка, колку е лесно да одминеш без да застанеш и помогнеш. Како е возможно да го замолкнуваме тивкиот, но сепак обземачки плач на душите во очај, кои се насекаде околу нас? Се запрашав кои од нас се поскршени – оние , кои како оваа жена се на улица, или оние, кои со штит на нивните срца и очи поминуваат покрај нив.

Имам застанувано со мојот автомобил во неприкладно време и на улици со метеж, по долги исцрпувачки денови на работа. Сум влетувала во сообраќај, обидувајќи се да заштитам изгубени и бездомни кучиња, или бркајќи да спасам кутро животинче во темнината, кое не било мое. Сепак, некако одминувам покрај живо човечко суштество, таа скршена жена на улицата, облеана од тага, која стои на најсилна дневна светлина и секој може да ја види, додека јас ги водам децата на часови во театар.

Длабоко во себе, сфатив дека јас, која себеси со зборови се прогласувам за шампион во хуманоста, која би направила сѐ за да помогне некому, во реалната ситуација ми е потребно многу повеќе напор да го сторам тоа.Лесно е да создададеш слика за сочувството, само според теоријата. Но во вистинскиот живот, за време на фреквентната сабота?! Една личност, самостојно не може да ја попречи тажната динамика на бездомништвото, на духовните слабости, и потребите на секој поединец од секое место. Но, што можам јас да направам тогаш, и за таа жена?

Се потсетив на слика која ја откупив, на која беше прикажана бездомна жена, изработена како колаж од парчиња облека од секоја земја. Жената на сликата со тажен поглед, и со испружени дланки кои молат, порачува ,,И ЈАС сум исто ТИ.” Сликата ме допре, и ја замолив авторката да ми раскаже за нејзината инспирација. Слично како и јас, и таа налетала на бездомничка која молела за храна. Кога нејзината мала ќерка со итање ја одминала, жената на улицата ја погледнала и само рекла: ,,Јас сум Ти”.

Морав да ја имам оваа слика, и ја купив одамна, поврзувајќи ме толку длабоко со сѐ она што сакам да биде вистина за она какви сме, и како сме поврзани еден со друг – како сме сите создадени од истата светлина. Ниеден не свети посјајно од другиот, без оглед на тоа како изгледаат нештата однадвор. Оваа слика е повик за сочувствување и потсетник на душата, да се видиш себеси во другиот со љубов.

Навлегов во ,,сликата’’ на реалниот живот и сите тие мисли лебдеа во мене, кога излегов од студиото, и зачекорев по стазата покрај жената која ми го украде вниманието. Си помислив на онаа песна, ,,Што ако Бог беше еден од нас, само странец во автобусот, обидувајќи се да го најде неговиот пат до домот”. Се навратив и на книгата која ја имам прочитано за Мајка Тереза, каде беше испишан нејзиниот одговор, на прашањето како можела да ги поднесе нечистотијата и неподносливо непријатната миризба која се ширела од болните кои ги лекувала. Таа само рекла: ,, Мене ми е многу полесно, отколку на нив, бидејќи тие се оние кои постојано живеат со нив.’’

Овде и сега, ја имав можноста да сторам нешто и да бидам личност каква тежнеам да бидам, која ќе застане и ќе си дозволи време да направи промена. Но, се борев со совладувањето на бркотницата на денот и ,,несоодветноста’’ да се вмешам во животот на непознаник, кога и самата имам доволно проблеми сервирани на чинијата. Кога ќе станеш ти -,,ти’’ кој сакаш да бидеш? Дали е тоа секогаш следниот ден? Кога ќе имаш повеќе време?

Кога ќе престанеме да зборуваме, а ќе почнеме да дејствуваме? Во која инстанца всушност ќе се завртиме, ќе го издолжиме нашиот дух кон другиот, да му го направиме еден миг поубав, без оглед на непријатноста, без оглед на исходот?

Уметноста инспирира, но дали во реалниот живот некогаш сме доволно инспирирани и да го насликаме портретот за себе, да ја претвориме во вистински дела нашата замисла за самите нас? Дали некогаш веруваме во нешто доволно силно, за да бидеме подготвени на сѐ за да го направиме, дури и во најнепријатните моменти – да ја внесеме уметноста во животот? Безброј пати го замолкнував овој глас, повикот да бидам вистинска, да бидам свесна. Не и овој пат.

Се завртев назад, и и се приближив на жената на улицата. Беше средовечна жена, закоравена во нечистотија, но со убави црти на лицето, на кое се гледаа трагите кои ги оставил животот на улицата. Имаше темни, дамкасти заби во сувата уста, а повеќето веќе недостигаа. Мирисот беше неподнослив со својата јачина, но таа веќе и не го чувствуваше. Ја запрашав дали можам да и помогнам да стигне онаму каде е тргната. Со многу пријатен и мек глас ми се заблагодари, но рече дека ,,сѐ е во ред”. Дури и се насмевна, за да ме увери дека е навистина така. Ја запрашав дали може да и дадам нешто малку за јадење или пиење – поторно ме одби, со уверување дека е во ред.

И реков дека можам барем да је превезам до местото до кое оди. Влечењето на тие пет торби по улицата делуваше мачно, особено на жешкото сонце тој ден. Го крена погледот и ме праша зошто го правам сево ова. Одговорив дека и јас имам искусено тешки времиња во својот живот, и дека ми помогнаа другите, кои се грижеа доволно, за да ми подадат рака. Ме гледаше долго и силно, кога конечно и реков дека ме потсетува на прекрасна слика која ја имам: ,,Се вика “Јас сум Ти”, и ако можам да ти помогнам со целиот багаж да стигнеш онаму каде си тргнала, ќе ми биде задоволство.”

Ги внесовме нејзините торби во мојот автомобил, понесувајќи го сѐ она што таа го поседува на овој свет. Непријатноста на нејзините дни на улица, веднаш ми ,,дозволи‘’ сѐ. Ја запрашав за нејзиното име. ,,Андреа” – ми одговори. Продолжив со прашување, интересирајќи се од каде е, од каде потекнува. ,,Њујорк. Еден ден ќе се вратам таму. Прескапо е да се живее таму, знаеш…’’ – ми одговори Андреа. ,,Што ти се случи, што те доведе до ова што си сега?’’- бев љубопитна да знам. ,,Животот” – кусо ми одговори, а потоа продолжи: ,, Ми се допадна она…Јас сум Ти.’’ Тогаш бавно одмавна со главата.

Го слушнав тоа. Го почувствував.

Се прашував која е последната капка која ја прелива чашата, кога е колапсот на душата во прашање. Секако, и јас се имам чувствувано скршена во определени периоди од мојот живот, но, без оглед на нивото на очај во кој страдав тивко или гласно, никогаш не сум паднала толку длабоко како оваа жена, во дното на безнадежноста и распадот. Секогаш имаше рака да ме извлече, светлина, пат за враќање. Во вакви мигови сфаќам колку сум среќна што се вратив на себеси, благодарејќи на ваквиот благослов.

Повеќе од било кога, за оние ,,проблематични’’ времиња, сум се поубедена дека потребно е само свесна љубов, поврзување и заедништво, за да го пронајдеш својот пат. Кога нештата се распаѓаат, љубовта, свесноста и заедништвото се нештата кои те спасуваат.

Кога ја одведов до местото до кое ми посочи, пред да си кажеме ,,збогум’’ со Андреа, таа неколкупати го повтори моето име, како да и беше битно да го запамети. Јас не бев само жената која и го олесни патот за еден кус момент, туку и јас, како и таа, сум личност која има свое име. Таа ми прозборе, шепотејќи: “Ќе го запомнам она, Јас сум Ти.” ,,Да’’- и реков. ,,И јас исто. Јас сум Ти.”

Го погледнав на часовникот, и бев шокирана дека прошол само еден час. Еден обичен час. Тоа беше сѐ што си одземав од мојот ,,зафатен’’ ден.

Ако секој од нас се разбуди, и на плачот на другите одговори со барем мали дела на искажување сочувство, дури и оние најнеповолните, можеме да ги потиснеме злата кои го осакатуваат духот на светот. Кога не го правиме истото за награди или признанија, туку едноставно бидејќи тоа е вистинското нешто, кога никој не не гледа, постои тивко, но сеизмичко поместување во душата на сите нас заедно. Според Далај Лама, дури и најмалиот акт на сочувство, ја лекува душата на целото човештво.

Кога отидов да ја земам мојата ќерка, таа ме запраша: ,,Каде е жената од улицата?’’ И раскажав за Андреа. Ќерка ми само ми рече: ,,Ќе и нацртам слика со прекрасен свет, мамо, бидејќи таа е иста како и сите нас.’’

* превод на текст од G.Fernandez, новинар, продуцент, филмски работник, претприемач и филантроп, добитничка на 5 Emmy награди.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМирисот на старите книги
Следна објаваИ сѐ беше во ред
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ