000

Првпат се сретнаа на автобуската станица. Беа студенти, тој учеше медицина, а таа – архитектура. За да можат да се гледаат често, секој ден и двајцата одеа на истата станица, во исто време, и се качуваа во истиот автобус. Беа млади, многу млади…

Помина доста време додека собраа храброст да си прозборат, но на крај успеаа. Всушност, не живееа ни во истата населба во која се качуваа секое утро на автобусот.

Тој претходната вечер беше останал да преспие кај својот пријател, а таа на гости кај сестра и. По извесно време, кога веќе беа доволно блиски еден со друг, се смееја и си признаваа еден на друг, како секое утро станувале уште во темни зори и оделе на другиот крај на градот, само за да дојдат навреме на таа станица. Нивната станица, со нивниот автобус…

Се земаа веднаш по дипломирањето. Беа среќни, многу среќни…

Се случуваше да останат без работа, без пари, да имаат тешки моменти…Но, така здраво и цврсто ги беа преплеле рацете и срцата, што ништо не успеваше да ги скрши. И кога крпеа крај со крај, и кога едвај го дочекуваа крајот на месецот и платата, но и кога веќе беа познат лекар и архитект…беа среќни, како на почетокот. Не беа од ние семејства, кои пропаѓаа со духот од рутината и навиките кои доаѓаа со годините…

Не ги срушија ниту празните банковни сметки, ниту, пак, беа горди на високите доходи откако успеаа… Се нижеа денови, месеци, години…а нивната љубов, мислиш растеше и беше се посилна, се поголема…

Единствено што им фалеше беше детенце. И покрај сите напори, обиди, тешки процедури на кои подлегнаа, не успеаа да добијат своја рожба. Тогаш си рекоа дека е премногу егоистично да бараат да имаат се во овој живот. Ја прифатија мирно таа одлука и продолжија напред. Наместо дете, ја одгледуваа и се грижеа за својата љубов…

– Би умрела за тебе! – викаше често таа, додека го гушкаше силно.

– Не, јас ќе умрам за тебе! – и одговараше тој и ја гушкаше уште посилно.

Понекогаш, кога се прибираше дома, таа често наоѓаше по некоја белешка оставена на огледалото:

“Погледни на масата во кујната, и не заборавај колку многу те сакам!“

Од масата во кујната одеше до шкафот во дневната, или до бирото во спалната. Кружеше од соба во соба, читајќи нежни зборови на љубовно признание, напишани на мали украсни ливчиња. Кон крајот на тие “обиколки“ таа некогаш наоѓаше букет свежо цвеќе, некогаш кутија со омилените чоколадни бомбони, убав фустан или скап парфем…но подарокот немаше значење, туку за неа беше важен гестот и целата таа ситуација, затоа што и ја докажуваше неговата љубов…

Колку и динамично да им течеше животот, колку и да беа ангажирани на работа, секогаш наоѓаа време еден за друг. Кога навршија 40 години, и двајцата решија да работат помалку, и да си оставаат повеќе слободно време кое ќе го поминуваат заедно. Тој ја напушти болницата и примаше пациенти само во приватниот кабинет. Таа, пак, го затвори проектантското биро во кое работеше, и започна да прифаќа само специјални нарачки кои ќе ги работи дома. Така имаа многу повеќе време еден за друг…

Еден ден, додека се шетаа покрај брегот, таа забележа една стара, речиси разрушена куќа на која имаше натпис “Се Продава“.

– Што викаш..да ја купиме оваа куќа?! – го праша таа со возбуда. – Ќе ја исчистиме и на нејзино место ќе изградиме нова убава куќа. Веќе имам замислено и идееен проект за тоа како ќе изгледа. Ќе има огромна тераса со поглед на морето. Ајде, тоа ќе биде нашата морска куќа, во која ќе ги храниме наутро галебите… – ентузијазам и искреше од очите додека зборуваше.

– Се разбира драга, зошто да не?! Се ќе направам за тебе, не можам да кажам не -и одговори тој нежно, и ја бакна. Веднаш штом се вратам од семинарот од САД ќе ѕвонам на телефонот и ќе ја купиме. Независно од тоа каква ќе биде цената, ова место веќе е наше!…

Иако знаеа дека се разделуваат само за една недела, и на двајцата им беше многу тешко, како и секогаш кога тој одеше на работни патувања во Америка. Додека беше таму, секој ден разговараа со часови на телефон. Кога таа го пречека на аеродромот на враќањето, ни двајцата не можеа да ги скријат солзите…

Но, само неколку дена подоцна, таа почувствува чудна промена во неговото однесување. Тој веќе не изгледаше така среќен, како порано. Не се смееше така искрено, дури и избегнуваше да разговара. За да го разведри малку, една вечер, таа почна разговор за куќата крај морето, и му го покажа проектот кој го нацртала. Но, одгворот кој го доби, ја стаписа:

– Мила, таа куќа ги надминува нашите можности, и, за жал, нема да можеме да си ја дозволиме. Затоа најдобро е да заборавиме на неа…

За луѓето како нив, кои беа навикнале да живеат среќно, несреќата имаше горчлив вкус и беше многу тешка. За неа тоа беше како непоканет и несакан гостин, кој се натрапил во домот и кој не знаеше како да го изгони. Таа разбираше, чувствуваше, дека на него нешто му тежи, дека нешто крие од неа, и дека тоа нешто го измачува. Го молеше и премолуваше да сподели со неа, да и раскаже:

– За тебе би умрела – знаеш и сам! Те молам, кажи ми што се случува?!…

Но, не доби одговор на молбите.
Мажот во кој беше лудо вљубена, кој го обожаваше, и кој до пред само неколку дена и се колнеше во вечна љубов и верност, како да беше сменет со некој друг, различен, нов, потполно рамнодушен кон се она што се случуваше. Со секој свој обид да поразговара со него таа имаше чувство дека се удира во камен ѕид, и од тие удари се повеќе ја болеше и крвареше срцето…

Еден ден, додека се шетаа во паркот со најдобрата пријателка, таа повторно раскажуваше за необјаснивото однесување на сопругот, и се обидуваше очајно да најде некаков одговор за таа промена во него. Без да дочека да се доискаже, пријателката ја прекина, и ја повлече да седнат на една клупа…Ја фати за рака и ја погледна во очи:

– Жал ми е што треба да слушнеш од мене, но повеќе не можам да издржам да молчам. Треба да ти кажам… – започна таа малку неуверено… – Тој те изневерува! Го гледам секој ден во ресторанот спроти мојата канцеларија, на ручек со млада симпатична жена…А после прегрнати се качуваат во колата и одат некаде…

– Доста! Замолчи веднаш! – и се развика таа на пријателка и, не дозволувајќи и да каже било што повеќе. Ја обвини дека зборува така бидејќи и завидува, и растроена си тргна дома.

Следниот ден по ручекот, сама отиде до оној ресторан и застана до едно дрво на тротоарот.
Само по неколку минути разбра дека вечната љубов и среќа ги има единствено во приказните, но не и во реалноста. Веднаш ја позна младата лаборантка од болницата, во која порано работеше сопругот. Имаше доаѓано неколку пати на гости кај нив дома. Солзите кои и ги наполнија очите, не ја сопреа да види како тој ја прегрна другата жена. Како нож да и го распара срцето…

Вечерта, кога тој се врати дома, таа му се нафрли и му раскажа се што виде тој ден.
Ту викаше, ту плачеше додека зборуваше…После силно го гушкаше, а во следниот миг го удираше…
Тој ништо не одрече. Промрморе нешто, речиси во себе, дека со времето луѓето се менувале, дека чувствата им се ладеле, дека по некое време имале потреба од промена…Наполни малку алишта во еден куфер и излезе. На вратата се заврте кон неа и ја праша:

– Можам ли да те прегрнам за последен пат?

– Исчезни веднаш!!!...извика таа на цел глас, полн со омраза, треснувајќи вратата после него…

Добија развод уште на првото рочиште.
Со помош на пријателите, таа некако се обидуваше да застане на нозе, и да се врати кон нормалниот животен тек.
Од познати разбра дека, сега веќе бившиот сопруг заминал во Америка заедно со новата љубовница. Понекогаш, кога остануваше сама со своите мисли, чувствуваше дека сеуште го сака. Тогаш одново потонуваше во солзи, и горко се молеше таа љубов во срцето најпосле да се претвори во омраза, за да не ја боли толку многу и толку силно…

Помина цела година. Колку и да тврдеа дека времето лечи се, тоа не успеа да ја излекува нејзината рана, и во срцето се уште владееше огромна и болна празнина…

Едно утро ја разбуди упорното звонење на вратата.
Кога стана и отиде да отвори, ја виде…онаа жена! За миг занеме од изненадувањето, бидејќи најмалку очекуваше да ја види токму неа. Сакаше да и се развика в лице, дека нема право да го пречекори прагот, но не успеа да каже ништо…

– Те молам, доволи ми да влезам, треба да разговараме. Важно е! – и ги прекина мислите гласот на жената. Изгледаше вознемирена.

Влегоа внатре и седнаа во ходникот.

– Ништо не е онака како што изгледаше… – започна со тивок глас младата жена. – И многу ми е жал, што треба да ти соопштам јас, но пред еден час тој почина…Дозна за болеста минатата година, за време на семинарите во Америка. Му рекле дека му останува не повеќе од една година живот… Знаеше дека ти нема да можеш да го поднесеш тоа и ќе сакаш да умреш заедно со него…така како што си му кажувала. За да те одалечи од себе си, ме замоли мене да се преправам дека сум негова љубовница. И на родителите не кажа ништо. На сите раскажа дека сме заминале заедно во Америка, а всушност беше изнајмил една мала куќа точно до автобуската на која сте се виделе прв пат, на вашата станица. Му дадоа терапија, тој ги следеше сите препораки стриктно, и веруваше дека ќе се излекува, но…не успеа. Сношти состојбата се влоши, медицинската сестра ме побара, и успеав да стигнам во последен момент…Ме замоли да ти ја предадам оваа кутија…

Слушаше и не сакаше да поверува на зборовите. Не знаеше што да мисли, не знаеше што да чувствува. Знаеше само дека што и да направи, не е во состојба да ги сопре солзите, кои се лееја од очите…Сакаше точно таму, и точно сега, и таа да умре…

Помина доста време додека се поврати и се сети да ја отвори кутијата која ја доби. Внимателно го отвори капакот и внатре виде купче украсни листенца…Го отвори првото на кое пишуваше:

-“Те молам мила, прочитај ги по ред сите белешки!“

“Те сакав многу!“

“Никогаш не сум престанал да те сакам!“

“Секогаш ми велеше дека ќе умреш за мене,а јас знаев дека тоа е вистина!“

“Јас не сакав да умреш за мене!“

“Сакам да ЖИВЕЕШ за мене!“…

Додека го земаше и последното ливче од кутијата, виде на дното некаков клуч…Го рашири шареното ливче и прочита:

“Ја направив куќата на брегот, според проектот кој ти го нацрта. Кога наутро ќе појадуваш, заедно со галебите, на огромната тераса со поглед кон морето, знај – јас ќе бидам до тебе…“

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Се сеќавате на летото?
Следна објаваНаправи сам | Јака-ланче
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ