Историска романса чии белези на трилер не ја поматуваат суштината на очекуваниот љубовен заплет: угледен машки лик, кој има извесна потреба од услуга; и скромен женски лик, кој му излегува во пресрет. Дејствие кое означува емоции во зародиш, а всушност се конструира во форма на општествен заговор, раководен од фамилијарна должност. Надмоќта е релевантна категорија – за двајцата да се пронајдат еден со друг во една разумна точка која ќе ги балансира вистинските емоции.
Интересни карактери, длабок заплет и континуиран дијалог – на грофот од Свети Мерун, Артур Ланкастер му е потребна свршеница за да им го одвлече вниманието на потенцијалните кандидатки за брак, додека тој се обидува да го најде убиецот на вујко му. Како разумен и зрел човек, тој одлучува да интервјуира неколку млади жени кои се одликуваат со добар углед, но скромна финансиска поткрепеност, кои по некоја случајност, професионално се занимаваат со придружување на господата кои од нив го бараат истото како услуга, но со акцент на еднонасочната улога единствено како платена придружничка. Откако запознава неколку девојки кои не ги исполнуваат неговите услови, на ред доаѓа Елеонора Лоџ. И забавата може да започне – од чисто практична намера на грофот, тој наидува на совршено интелигентна и соодветно прекрасна млада дама која со гордо срце ќе ја претстави во учтивото општество, за неколку недели. Причината поради која г-ѓица Лоџ ја прифаќа понудата на грофот Ланкастер произлегува од нејзината ужасна финансиска околност – додека тој ги исполнува точките од својата агенда во насока да открие повеќе детали околу убиството, Елеонора служи за да ја прикрива неговата тајна акција. Но, тајната лежи во тоа што тој не спие ноќе поради златниот сјај во нејзините очи… Како што сижетната линија води кон заплетот, Ланкастер не може да предвиди дека здодевноста на неговата душа може да се замени со страст; и дека монологната улога во откривањето на убиецот, всушност, може да добие и адекватен соучесник.
Она што ќе Ве воодушеви во овој роман е тоа што ниту еден од карактерите не е ниту глуп, ниту арогантен лик: обајцата, и Артур и Елеонора се видно рационални личности кои се занимаваат еден со друг на крајно искрен и разумен начин. Раниот викторијански период на Англија уште повеќе ја зачинува длабочината на самиот роман – доколку барате суштествен мултиприказ на почетокот на 20ти век во Англија, ова е вистинскиот избор за Вас.