Среќата постои за да биде споделена. Еден сосема мал гест на споделување љубов, внимание и убава мисла може да има магично дејство. Сведок е Johnny Barnes, осумдесет и осумгодишен пензионер од Бермуда, кој од обичен локален жител прерасна во херој и миленик на нацијата. Што прави овој човек?

01 (2)

Секој работен ден поминува шест часа на сообраќајната заобиколница во неговото родно место, и во интервалот од 3:45 до 10 часот наутро ги развеселува сите возачи кои се движат кон градот. Секое утро, сончево или врнежливо, овој симпатичен старец е на својата стандардна локација, мавтајќи му на секој од нив, праќајќи бакнежи и поздравувајќи го со зборовите : ,,Добро утро!“, ,,Ве сакам!“, ,,Бидете благословени!“, и ,,Имајте убав ден!’’. На тој начин им го олеснува справувањето со сообраќајниот метеж и внесува ведрина во нивниот ден, исполнет со проблеми, грижи и стресна динамика.

02 (2)Сѐ започнало во 1986-та година, кога, враќајќи се од работа, одеднаш, добил нова визија за животот. Barnes секогаш бил мирољубив и весел човек, но дури тогаш одлучил дека споделувањето љубов за него е најважното нешто, клуч за вистински среќен живот. Без двоумење ја напуштил работата и  решил да се посвети на ширењето оптимизам, добра волја и радост до крајот на својот живот. Отпрвин го сметале за чудак, но за многу кусо време сите ја препознале добрината и искреноста со која им се обраќа, па го нарекуваат ,,ангел на љубовта’’ , застануваат да се поздрават со него, да се фотографираат, или, пак, да му подарат нешто. Досега само еднаш изостанал од дневната рутина поради болест, а луѓето вознемирено се јавувале во локалните медиуми за да ја дознаат причината за неговото отсуство. Во 1998-та година е поставена и статуа на овој спокоен гласник на радоста.

03 (2)

Американскиот режисер  Matt Morris е авторот на кусиот документарен филм  ,,Mr. Happy Man“, посветен на ликот и делото на Johnny Barnes. Погледнете го 10-минутното видео доколку сакате поверодостојно да ја доживеете оваа необична сторија за среќата, за човекот кој низ насмевка порачува: ,,Светот е создаден за љубов!’’. Запознајте го Господин Среќен.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСмрт во Венеција – Томас Ман
Следна објаваСофа – библиотека
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ