Тргнувајќи во непознат правец, концетрирајќи се на неостварлива цел, потпирајќи се на ниски нагони – со секоја пора и секоја клетка од телото, не обрнувајќи внимание на манипулативното секојдневие, тргнуваме по патот… Несвесни за филтрираната реалност која ни е сервирана, го продолжуваме патот базиран врз туѓи искуства и перцепции, испреплетени со привидна среќа на крајот од тунелот. Сретнувајќи се со милиони бедни судбини и заборавени соништа: самите стануваме дел од тој маѓепсан круг каде несвесно просиме за трошка внимание и признание, обвиткани во параноја.

До кога со наметната програмираност која успева да создаде маса квалификувани актери неспособни да ги отворат очите и да ја восприемат реалноста во нивните, веќе, ништожни животи? До кога со карактерноста на протагонистот на Ман и неговата смрт во Венеција? Несвесниот живот не е вреден да биде проживеан.
Можеби достигнувањето особена слава со извесна Божја дарба или поседувањто речиси совршен земски живот и семејство се само доказ дека стариот писател дозволил суштината на живеењето да му помине пред очите, проследен со каењето што никогаш немал син – искусувањето историски глетки од градот на вода не се доволни за тој да си ја поврати инспирацијата и ентузијазмот од младоста. Гушејќи се во сопственото сожалување и осаменост кои на крај резултираат со апсолутна дрскост: мистичниот европски град покрај што мами воздишки поради уникатната магија која ги плени срцата на посетителите, крие еден платонски восхит кон убавината на едно наивно дете. Непостењето граница помеѓу восхитот и настраноста, го дрзнува старецот да мисли поинаку во однос на тоа дете, го дрзнува да љуби спротивно на општоприфатените норми на љубовта. Најтрагичен белег на ситуацијата е неприкосновената невиност на кутрото суштество, која не го спречува да возврати на неговите насмевни упатени со настрана цел…

Во евидентен страв и параноја да не биде објект на етикетирање и неминовни предрасуди, стариот писател успева да одолее и не си дозволува да подлегне на ниските инстинкти и се враќа на оној замаглен пат: се враќа во оној магичен круг на кој принудно му робуваше, кругот во кој се живее сопствениот живот на дистанца преку професионална глума, за на крајот, чинот на откинување на последната ронка надеж за будење, е во суштина – самата смрт.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСветата планина Варало | Италија
Следна објаваГосподин Среќен
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР