#zemjotres10 #Skopje #mkc (19.02.2022) @marijakaeva

Со својата визија на изразување во музиката, мултиталентираната уметница Марија Каева испраќа силна порака на публиката, а тоа е квалитет пред имиџ. Веќе две децении Марија е позната на мак. сцена по нејзината автентичност, како вокал кој со својата естетска префинетост и фрекфенција на гласот како совршен спој на примордијален и современ израз на изведба. Со своите музички настапи таа создава чувства на апстракно-безвременска слика во просторот и времето.

  • Во огромниот талас на егзалтираност на шунд музика, Вие го вкучивте светлото за сите кои преферираат квалитетен звук со издавањето на вашето ново авторско дело ‘Фортуна’. Дали сте задоволни како го прифати публиката.                                           
  • Би рекла дека владее некаква егзалтираност на содржини кои предизвикуваат силни емоции, за некого шунд, за некого врна уметност и просветление. Ваквите содржините  се нудат насекаде, спакувани во слични ”user friendly” формати кои исполнуваат некакви стандарди или се комплетно лишени од нив, а и обете го постигнуваат истиот ефект. Краткотрајна угода или утеха.Тешко ми е да одговорам на ова прашање како публиката го прифатила албумот. Единствено можам да зборувам за публиката што ги проследи  заедничките настапи во живо со колегата Владан Дробицки кој е комплетен продуцент и коавтор на албумот и нашиот префинет и искусен тапанар Дино Милосављевиќ, во декември и февруари во МКЦ. Тоа беше блиска средба со публиката што дојде на промотивниот концерт на албумот кој се случи во склоп на една вечер на заедничко претставување на музиката од дома и регионот, и секако на фестивалот „Земјотрес“. Таа публика  направи да се чувствувам безбедно  на сцена. Јас ја доживеав атмосферата интимно и топло.

 Фотографија од концертна промоција на новиот албум Фортуна на Марија Каева.       – (18.12.2021) МКЦ-

Албумот ,,Фортуна” се појави во декември 2021 во дигитален формат,сега засега може да се чуе или купи на профилот на издавачката куќа ПМГ Рекординг на музичката платформа bandcamp. https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/marija-kaeva-fortuna-pmgr196.

Освен тоа има и две видеа кои се поставени на Jутјуб за песните „Добро Утро“ и „Гигавати и Кравати“, со релативно пристоен број на прегледи, ако тоа ете се смета за реакција на публика. Во моментов се работи на неколку нови видеа.

До мене допре и еден текст  потпишан со иницијали и објавен како блог и некој ми кажа дека се работи за млада девојка. Таа е единставената што пишуваше за албумот „Фортуна“, под наслов  „Илустративен приказ на секојдневието претворено во парче музика“.

На крајот од нејзиниот пред сѐ информативен но, и искрен текст, вели дека додека го слушала, си замислувала дека е лик од стрип или сликовница. Мене ова ми се допаѓа.

Велиш дека сум вклучила светло, ете јас би рекла дека сум исклучила светло, или барем сум се обидела да го придушам и тоа во свет што би го опишала вака:

Бројот на индивудални допаѓања и бројот на индивидуални прегледи ја диктира успешноста на некое дело, истовремено оправдува нечија моментална мисла изречена во афект, ја благословува сликата од нечија венчавка или новороденче, ја укажува на вредноста на нечија книга од шестотини страници работена цела деценија во име на многумина, или слави четириесет минутен музички колаж. Илјадници изречени брава и честитки за настаните од приватниот живот на граѓаните се изедначуваат или им предничат на содржините од јавен интерес. Сите овие работи се струполуваат во еден ист  вртлог во којшто секојдневно учествуваме со измешани чувства.

Работите за коишто е потребно зауздано внимание, љубопитност и време, и кои не врескаат за своето место во дигиталниот свет и срцата на конзументите, во денешно време или не добиваат никаков коментар, или се сметаат за здодевни и неатрактивни, па и предолги и прекомплицирани. Кусокот на здрава критика на популарната култура,  ги прави уште поневидливи и тие често остануваат да лебдат во некакви архиви на интернет кои немаат огромен број на посети и чија публика останува анонимна и случајно ги открива.

Страв, изолација, потребата да помуабетиме со некого, да прочитаме што мислат и како се чувствуваат останатите, ужаснатост и запрепастеност од другите на дневна база, се наше секојдневие и се случува со постојано вклучено светло што заслепува и во чиј спектар се стопуваат сите работи одеднаш. Нашите приватни животи, рекламите, лажните вести, објавата на министерот и видеото од идолот на летување на рајски остров, приватните пресметки и преписки во инбокс…

Емпатијата честопати се негува со споделување и допаѓање на слика од болно и гладно дете, милениче што се однесува како мало дете, разрушени градови, војна, тенкови, цицки, мускули, здрави оброци, сатирични изблици, генијални изведби во живо, филтри за сѐ, освен за канализацискиот одвод. Лајк од сожалување, лајк од страв, лајк од глад и коментар од бес, за веќе утре ден, истата таа фејсбук страница што ви го зграпчила кревкото човечко срце, да го промени името и протокот на информации пред избори и да има директен влез во вашето јаве со својата токсична настојчивост да ви ја раскаже целата вистина. Илјадници такви содржини демнат наоколу за емпатичните, како мамец. Истовремено тоа е местото кадешто можеме да го промовираме и својот труд, нешто што порано зависеше од интересот на медиумите и критиката, и местото на коешто можеме да се организираме за работи од  заеднички интерес и секако да шириме говор на омраза и да се нашалиме одвреме – навреме.

Со албумот „Фортуна“, сакав да се обидам да го придушам тоа силно светло за да можам да видам подобро, оти често сме заслепени од интензитетот на аудиовизуелните содржини од животот во дигиталното доба, а тоа е исто така е полно и со содржини од непроценливо значење што не се забележливи ради нападното светло. Интензивно време, незамисливо комплексно и возбудливо и крајно багателизирано од понудата и побарувачката на кратки и скандалозни содржини наменети за краткотрајното внимание на човекот што мора да преживее во денешно време.

Конкретно песната Фортуна зборува пред сѐ за тоа дека ние секојдневно се коцкаме на социјалните мрежи. Со туѓите животи и со личните  надежи, иако само сакаме да го смениме светот и да го спасиме од лошите, да му кажеме како го доживуваме, или како се доживуваме себеси во него, и да не бидеме сами.

 

  • Во музичка смисла, Вие поминавте низ разни творечки фази. Се чини дека го пронајдовте сопственост израз во електро-поп звукот. Дали го помните моментот кога се одлучивте токму за овој музички правец.

– Тоа е звукот на којшто сум навикната, со којшто сум растела и којшто ми е добро познат од неколку декади. Експериментирам и со друг звук и со музичари кои се движат во други музички територии и се надевам дека во иднина ќе има уште такви соработки.

  • Би сакала де Ве запрашам што би било потребно да се унапреди фестивалската сцена во Македонија и кои се постоечките проблеми со кои се соочуваат музичарите.

– Не знам точно каква е ситуацијата на сите фестивали кај нас. Она што можам да го кажам е дека постојат два типа фестивали, оние со натпреварувачки карактер кои на крајот доделуваат награди и признанија и оние кои се концентрираат на свежата музичка понуда и не се бават со победници и хитови. Мене овие вториве ми се поблиски, немам баш натпреварувачки дух. Во секој случај и во обете варијанти музичарите гледаат добра можност да ги промовираат своите дела. На еден вообичаен фестивал кај нас, фокусот е на една нова песна којашто ја претставува изведувачот кој претендира да победи а, на фестивалите како на пример Земјотрес или ПМГ Рекордингс Фестивал на коишто неодамна настапив, музичарите имаат барем половина час да ја претстават својата музика и својот звук во живо. На Земјотрес годинава, иако со ограничен капацитет ради пандемијата, имаше многу живот и љубопитност. Некако тоа прави да се ублажи немирот од финанскиските проблеми со кои се соочуваат музичарите особено откако не задеси пандемијата. Ваквите фестивалите се една убава можност за заедничко делување а, и публиката е веројатно повеќе подготвена да плати една карта за повеќе артисти во една вечер, отколку за самостоен концерт на докажан артист.

  • Во денешно време промоцијата на еден уметник е важна. На кој начин ја претставувате вашата работа, освен на интернет простотот, знаејќи притоа дека музичката сцена во нашата земја скоро и да е замрена посебно последните две пандемиски години.

– Јас сум неславна во тој поглед. Често ми викаат дека слабо или никако не се промовирам и рекламирам на интернет. Не сум баш добра во тоа но, ете се обидувам да ги користам моите профили на фејсбук, инстаграм и твитер за да објавам кога има нешто ново. Ја имам и поддршката од моите најблиски соработници и издавачката куќа ПМГ Рекордингс и задоволна сум од интересот за тоа што го правам. Колку тоа допира до поширока публика навистина не знам. Пандемиските години ни го одзедоа свирењето во живо, мене пак ме натераа да правам нова музика.

НЕМА КОМЕНТАРИ