Дино Имери – пијанист

Фотограф: Маја Аргакиjева

Дино Имери (1990) е еден од најдобрите македонски пијанисти, препознатлив е по неговата работа со класична музика, како и со многу други жанрови. Неговите настапи со Филхармонијата на Стразбург, Македонската Филхармонија, Филхармонијата на Софија, Симфонискиот оркестар на ФМУ, оркестарот на Македонската опера и балет, Камерниот оркестар ЈММ наидоа на одличен прием кај публиката и критиката. Изведувал рецитали во многу престижни европски концертни сали и фестивали како „Ватрослав Лисински“ во Загреб (Хрватска), Шлос „Естерхази“ Ајзенштад (Австрија), „Лист центрум“ во Раидинг (Австрија), „Пијано плаж фестивал“ во Уистрехам (Франција), Охридско лето, Скопско лето, Интерфест – Битола, итн. Соработувал со многу водечки музичари на денешницата, како што се диригентите Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Дијана Имери Илкоска, Хосеп Висент, пејачите Ана и Игор Дурловски, Благој Нацоски, Либусе Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Билјана Јосифов, инструменталистите Влатко Стефановски, Ади Имери, Бојан Илкоски, Марија Вршкова, итн. Добитник е на наградата „Мајка Тереза“ –Скопје за неговата хуманитарна работа како и титулата Лауреат на фондацијата „Томислав Зографски“, наградата „Виртуози“, и многу други државни и меѓународни награди. Неговата дискографија содржи 5 ЦД-а објавени од домашни и странски издавачки куќи и богата филмографија како композитор за играни филми и телевизиски продукции. Од 2019 г. Имери е вонреден професор (доцент) на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Македонија, каде што предава пијано, камерна музика, пијано во контекст и придржуба. 

  • ДИВИАНАРТС: Дино, најнапред би сакала да ви честитам по повод објавувањето на вашиот нов албум насловен како ‘PASSIONS’ кој е воедно првенец на новоформираната издавачка музичка куќа ‘Con:tempo’. Ве молам кажете ни колку долго работевте на неговото создавање заедно со вашиот колега и соработник Бојан Илкоски.                                                                                                                   
  • “Passions” или “Страсти” е плод на една соработка која во континуитет трае повеќе од 10 години. Соработка која значи педесетина концерти низ Европа, професионални снимки, гостувања.. Со Бојан заедно растевме и како уметници, но и како личности. На програмата работевме околу 6 години, самите снимања се реализираа ова лето, а процесот на пост-продукција и издавање одземаа околу 3 месеци. Имавме големо задоволство да го изведеме материјалот премиерно во Белград каде гостувавме со концерт, не’ чека гостување на фестивалот со светско реноме “Љубљана Фестивал”, а особена радост ни причинува можноста концертно да го промовираме албумот и во Скопје на 3ти декември во камерната сала на Филхармонија во 20 часот. 

На албумот се наоѓаат дела од Буланже, Дебиси, Равел и на наше огромно задоволство две светски премиери и тоа на делата “Корени” од диригентката Дијана Имери Илкоска и “Играорна Фантазија” од Дамир Имери (дело базирано врз истоимената тема од великанот Кочо Петровски). 

Особен придонес во реализацијата на албумот дадоа Дијана Имери Илкоска (музички продуцент), Ален Хаџи Стефанов (инжињер на звук и мастерирање), Виолета Качакова (дизајн) и Маја Аргакијева (фотографија). 

  • ДИВИАНАРТС: Вашиот уметнички профил се рефлектира во широк дијапазон на музичко делување. Пијанист, композитор, а сега и како продуцент. Како дојдовте на оваа прекрасна идеја за создавање на сопствена издавачка куќа.                                              
  • Беше прашање на време кога и на каков начин ќе се реализира оваа идеја. Низ годините работа како еден од најактивните изведувачи кај нас, увидов дека во Македонија има една сериозна и бројна публика составена од вистински вљубеници во класичната и современата уметничка музика и тоа публика од најразлична возраст, како и дека имаме врвни уметници кои создаваат на високо ниво и постигнуваат огромни успеси. Истовремено, таа богата сцена е практично минимално документирана. Веќе подолго време имаме сериозен вакум – од една страна одлични уметници и настани заедно со заинтересирана публика, од друга страна сериозен недостиг од медиумска покриеност, емисии од културата, сериозна и објективна критика, како и трајни аудио/видео записи. Во еден таков амбиент, со силна желба да се биде проактивна и позитивна алка од тој синџир се оформи “Con:tempo”– како гранка на веќе постоечката куќа PMG Jazz, со цел издавање, промовирање и афирмирање на иновативна, квалитетна и современа и класична музика од домашни и странски автори и изведувачи. Во припрема се неколку многу сериозни изданија и соработки, а искрено се надевам на успешна комуникација и соработка со сите институции, здруженија, уметници и други чинители од светот на културата и пошироко бидејќи заедно можеме да направиме навистина многу и можеме да бидеме на гордост на онаа публика која веќе со голема љубов не’ следи и поддржува, но и да создадеме една нова публика која ќе ја заинтересираме преку атрактивните артисти, изданија и проекти. Концертите се навистина многу важен дел од нашата работа, а изданијата остануваат и после нас да сведочат дека на ова парче земја во ова време се случувало нешто навистина посебно и убаво. 

  –  ДИВИАНАРТС: Што претставува за вас “ИНТЕРПРЕТАЦИЈА во 21век”, дали e “жива материја” или можеби е еден вид на “музејски експонат”. Длабоко традиционална во своите корени дали изведувачката пракса би требало да го следи   духот на времето секако субјективно на ниво на интерпретација.

  • Интерпретацијата е клучната алка во изведбата на едно дело, но и во восприемањето на делото како слушател. Сигурно сте приметиле како една приказна или пак анегдота, кога ја раскажуваат различни луѓе различно реагираме. Така е и со композициите. Мајсторите на интерпретацијата се големи комуникатори, покрај големото знаење за музиката ја познаваат многу добро и човековата психа. Добриот интерпретатор е секогаш задлабочен во сегашниот миг. Според тоа, интерпретацијата е жива и убедлива онолку колку е убедлив интерпретаторот.

    Мислам дека изведувачката пракса не треба да го следи духот на времето, туку да поставува нови и иновативни насоки кои никогаш не биле поставени. На еден начин, да биде пред духот на своето време. Тоа е, се разбира, една многу тешка задача.                                                                                                                                                                                                                                                   
  •  ДИВИАНАРТС: Живееме во време во кое уметноста е маргинализирана. Кое е вашето мислење за насоката во која во која би се развивала во наредните децении кога прогресивното на дигитализацијата во се поголема мера ја опфаќа уметноста во целина.                                                                                                                  
  • Уметноста во секоја форма ја изразува нашата човечност и не’ потсетува на неа. Не’ потсетува на сите прашања кои го засегаат човекот и неговото постоење не само како целина во смисла на целиот род, туку и секоја индивидуа посебно.Иако ни се чини далечно, ќе дојде моментот кога ќе се заситиме од сето тоа што го нуди технолошкиот прогрес со сите свои позитивни и негативни страни. 
    Пандемијата не’ потсети сите колку е важен човечкиот контакт за нашата лична среќа и исполнетост, колку ниеден дигитален концерт нема да биде како одењето на концерт во живо бидејќи музиката не е само аудитивно искуство – музиката е доживување, живеење, став и радост кон животот, споделување и вистинско љубење. 
    А уметниците? Секогаш живееле тешко, најчесто за својата уметност, а не од неа. Вистинските уметници го истражуваат животот не како проблем на кој му треба решение туку како мистерија која треба да се изживее.                                                                                                                                                                ДИВИАНАРТС: Пијаното е инструмент кој со богатството на звукот и богатството на репертоарот на дела за пијано завзема посебно место во музиката. Дали  вашата прва средба со пијаното беше пресудна дека тоа ќе биде вашата животна определба.                                                                                                                 
  • Не. За мене, музиката и пијаното на почетокот беа една моја тајна детска “игротека”. Едно интимно катче за кое само јас знаев и во кое можев да бидам целосно слободен. Бев срамежливо дете со богат внатрешен свет. Определбата се случи подоцна, некаде околу 14-годишна возраст кога по полагањето на аудиција, во својата класа ме прими проф. Људмила Романова со која за прв пат започнав да ја работам музиката на едно многу високо професионално ниво и со навистина високи критериуми. Средното училиште го завршив за само 3 години и кога го продолжив образованието во класата на проф. Борис Романов на ФМУ (каде денес јас предавам) патот веќе беше трасиран. Но, длабоко во себе сеуште ја доживувам музиката на истиот начин како во моите детски години и мислам дека таа мотивација е онаа вистинската која ме турка да напредувам секојдневно. 

                                       

  • Дино Имери – пијанист    
  • Фотограф: Маја Аргакиjева                                                                                                                                    

 

НЕМА КОМЕНТАРИ