Денес продолжуваме со најголемата туристичка атракција во нашата земја

Веруваме дека сите веќе сте биле во Охрид, некои на подолг престој, а некои на викенд, но во секој случај одлучивме овој е-маил да го посветиме на овој наш прекрасен град и да ве потсетиме на неговите убавини или да ве инспирираме следниот пат да направите нешто ново таму, што можеби не сте успеале да го сторите до сега…

По што вие го препознавате Охрид?

Охрид е познат по браќата Cв.Климент и Наум, по најпознатата населба Варош и варошани, по охридската пастрмка и највкусното охридско макало, по песните “Билјана платно белеше” и “Лихнида кајче веслаше”, охридските бисери и многу многу други убави нешта. Многумина го нарекуваат “Балканскиот Ерусалим” поради големиот број на цркви и манастири во градот. Легендата вели дека ги имало 365, по еден за секој ден во годината.

1

Тврдината на Цар Самоил

7

Како што наближувате кон градот неизбежно е а да не ја забележите глетката кон ридот на кој се издига Самоиловата тврдина. Зад нејзините ѕидини порано живеел народот на овој исконски град. Тврдината била користена и во римскиот и во византискиот период и подоцна во Самоиловото време била значително проширена. Денес од неа се сочувани 18 кули и 4 порти и таа претставува еден од заштитните знаци на Охрид.

Волшебниот Св. Јован Канео

2

Симболот на Охрид е мистичниот манастир Св. Јован Канео. Ако не сте биле во Канео е исто како да не сте го посетиле Охрид. Глетката е прекрасен спој на природа со стара, впечатлива архитектура и сето тоа обиколено со синилото на езерото и небото. Секое камче на има своја историја, па доколку не сте биле до сега посетете го ова место летово и дознајте ги тајните и раскажувањата од тамошните монаси.

Археолошкиот локалитет Плаошник

6

Во срцето на древниот Охрид, откако ќе се искачите по тесните и калдрмести улички, меѓу Самоиловата тврдина и Св. Јован Канео, пристигнувате на Плаошник. Прекрасна локација од каде езерото се гледа како на дланка. За Плаошник се вели дека е едно од најсветите места во Македонија. Во 2002 година била пронајдена монументална и богато декорирана ранохристијанска крстилница, каква досега не е најдена во нашата земја. Денес црквата го носи името Св. Климент и Пантелејмон.

Населбата на старите занаетчии, сликари и вајари

8

Варош се наоѓа во стариот дел на Охрид и е позната по прекрасните стари куќи и старите занаетчии кои од кои може и да си испазарите некој сувенир или предмет кој ќе ви користи. Тука ќе наидете и на охридските сликари и вајари, ќе најдете вистински охридски бисери и филигран изработен со најквалитетното сребро.

Летните ноќи во амфитеатарот

10

Во јазикот и духот на антиката зборува и охридскиот амфитеатар. Се смета дека е изграден во 3 век п.н.е. Се надеваме дека и ова лето ќе имаме можност да го споделиме чувството со публиката која седела таму пред илјадници години и да проследиме некоја театарска претствата или концерт.

Рибарско село Пештани

3

Рибарското село Пештани е лоцирано на подножјето на планината Галичица во мала клисура, 12км од Охрид. Пештани е развиен и модерен туристички центар со убави ресторани, кафе барови, продавници и хотели.
Приватните сместувања се наоѓаат покрај самото езеро, кое е прекрасно место создадено за одмор за оние кои сакаат да бидат близу езерото и да уживаат во водените спортови.
Во Пештани можете да ја пробате традиционалната кујна на овие простори и да ги запознаете старите жители на Охрид од кои повеќето се уште грижливо го негуваат традициналниот начин на живеење на овие простори.

Преубавата Трпејца

4

Ова рибарско село кое го споредуваат со францускиот Сен Тропе е оддалечено на 13км. од центарот на Охрид. Тука ќе доживеете одмор во вистинска смисла на зборот, ќе уживате во езеро со кристално чиста вода, ќе избегнете досадни плажи со лежалки и чадори… Може да изнајмите вила која се наоѓа на самата плажа и да уживате во глетката кон езерото.

Епскиот Св. Наум

5

На околу 30км. од Охрид, во непосредна близина на македонско-албанската граница на висока карпа над езерото, во националниот парк Галичица се наоѓа црквата и истоимениот манастир Свети Наум, Подрачјето на кое се наоѓа манастирот е едно од најубавите на Охридското Езеро. Иако до него води афалтен пат, доколку сте во можност до таму допловете со брод бидејќи на тој начин доживувањето е навистина посебно. Пловидбата започнува на пристаништето во Охрид и трае цели 2 часа по совршено сино езеро.
Оваа локација е популарно место за излет, со уредна плажа. Во дворот на манастирот, покрај тоа што ќе ги видите стариот бунар и двете црквени ѕвона, ќе бидете и помеѓу пауните кои таму слободно шетаат и се заштитен знак на ова место.

А од храната издвојуваме ѓомлезе и макало со лук!

gjomleze
9
***

Ви посакуваме пријатна седмица!

 

Содржината е превземена од PUBLIC ROOM SKOPJE.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСе одржа виртуелна Met Gala
Следна објава10 светски градови со најдобар имиџ
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ