Тажни се сите мои песни, сите мои текстови, сите зборови опеани за тебе зашто ти не си со мене. Не си овде да ме прегрнеш, да ми речеш издржи, сето ова е едно место и една точка од времето што кога ќе изгрее сонцето ќе исчезнат, та ќе бидеме среќни како што бевме во училиште кога во холот ми го крадеше здивот, кога образите ми руменеа, кога те прашував уште колку проби ќе имаме.
Те љубам од времето кога патувавме во неудобниот абвтобус, кога ја правевме последната проба од кореографијата, кога одевме на драмска, кога живееше малото, но искрено дете во нас.
А, потоа… Ветрот и занесот ни го променија колосекот.
Некои патеки откако ќе се одвојат речиси и никогаш повторно не се спојуваат, зашто луѓето ќе најдат уште десетина пократки и ќе стигнуваат побрзо до саканите дестинации. Некои шанси се дадени само еднаш и некои солзи течат само еднаш заради тој љубовен занес.
Но ете проклета да сум повторно треперам, повторно се нишкам како лист од чемпрес кој танцува на акордите на ветрот. И ете повторно руменеам и го стискам воздухот во грлото за да ги контрахирам стомачните мускули и да го спречам еруптирањето на пеперуткиното гнездо во мене. Се топам како свеќа, капка по капка од воздухот.
Но, се плашам, бидејќи помеѓу нас потои еден вакумиран простор кој означува авионски билет во еден правец, прифати или остави.
Повеќе не се наоѓаме ниту во училишниот автобус, повеќе не можеме скришум да си упатиме погледи, не можеме да им објаснуваме на луѓето до нас која е таа маѓија, таа сила што не привлекува, што не им дозволува на белите дробови да прават правилни респирации.
Но, ете потајно те посакувам, ја сакам секоја твоја клетка, твоја пора, секој твој здив, уловен поглед. Посакувам да се препуштам на страста, слободно и без страв да ги отварам очите, да уживам во секое изгрејсонце, да се насладувам на прегратките од ветрот, да уживавм во твојот поглед, да бидам среќна.
Зарем љубовта е страст и болката недостиг?
А, копнежот? Може ли да се олади железото ако под него преостанало уште едно парче жар? Доволно е само малку ветер, доволни се само неколку пораки, само неколку зборови, та да донесат неколку суви лисја до жарот и огнот повторно ќе се разгори.
Затоа кога веќе го разогревме огнот не свртувај се и не бегај, остани овде со мене, до мене оти среќата се создава само кога железото е топло.
*Авторски текст на Нада Костадинова