Има денови кога смртно
му се лутам на другиот јас,
и од таа причина
престанувам да си
зборувам самиот со себе.
Докторите тогаш ми ги
запираат лекарствата,
а телалот грми:
се врати од секаде,
продолжува од почеток…
Никој не може да види,
во мене живеат илјадници други,
родени и згинати во дните што
ги одживеало ова тело.
На сите им ги држам устите
да не се надвикуваат во ужасот,
да не ги одмеруваат силите
кој е подобар, кој полош,
кој каде погрешил,
кој направил повеќе добро.
Во оваа мрежа од судбини,
душата го отфрла светот
како туѓ орган,
како страно тело,
и јас ти признавам:
убавината боде,
но, искреноста убива.
Во мигов блескам,
не пропуштај ја мојата светлина!
Ако сега не ме допреш со
врвот на показалецот,
бадијала цел живот
ќе ги прегрнуваш
со обете раце –
тој што бев вчера и
оној што ќе бидам утре!