Зарем Св. Валентин е потребен за да си покажеме колку се сакаме?
Сакајте ја, не само на Св. Валентин, ами секој ден, секој миг…

5

Кога ти си мојот воздух, а јас твојата вода, кога јас сум твоето сонце, а ти мојата месечина, зарем ни е потребен Свети Валентин?

Кога сум во твоите прегратки јас сум кралица на радоста, а ти мојот ангел чувар.

Љубовта не се состои во подарување подароци, туку во сите заеднички изминати мигови, во сите искажани и неискажани зборови, со сите солзи исплачени и несоздадени, во сета надеж и заеднички планови за иднината.

Те сакам онака како што се сака животот, со полни гради и желба за остварување на сите сништа. Те сакам како што доилката го сака своето доенче, како што бабата го сака својот внук, како што неверницата го сака својот љубовник.

Не е потребно тоа да ти го докажувам денес, зашто ти ми го покажуваш секој миг, секоја минута, здив од моето сегашно постоење.

Љубовта е двигател на светот, семоќен убиец, неверница, тивка молитва искажана во шепот.

Многу војни се водени во име на љубовта, многу животи згаснале во името на љубовта, многу солзи се пролеани во тоа име.

Мојата љубов е моја опсесија, мој свет кој себично го кријам од сите други, затоа што се плашам некој да не навлезе и да го скрши мојот свет на илузии, свет на совршенство.

Љубовта не боли, душата боли. Ако љубовта е стаклен меч, ако замавнеш со него силно ќе се распрсне на милијарди делови кои никогаш нема да ги пронајдеш, да ги составиш, одново да го изградиш стаклениот меч. И тогаш боли. Боли толку силно што немаш сила да дишеш, немаш волја да живееш, се откажуваш од сите битки.

Затоа, колку и да сте далеку или колку и да сте блиску до саканата, покажувајте и не само денес, ами секој ден колку таа е вредна во вашиот живот, дека таа е вашата разгалена принцеза, сериозна сопруга, мајка, дадилка, баба.

Не купувајте дијаманти и соба со рози, на неа тоа не и е потребно! Верувајте, доволен е и еден бакнеж, една порака, една насмевка.

Не сонувајте за љубовта, живејте ја љубовта!

*Авторски текст на Нада Костадинова

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКако да одберете филм за Денот на вљубените?
Следна објаваНеделен хороскоп (16-22 февруари)
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ