carte-1Динамиката на нашето функционирање во 21от век става стеги и врши притисок врз нашето живеење во 21от век. Забораваме да живееме во вистинската суштина на зборот затоа што премногу се трудиме да функционираме нормално во динамичното и стресно општество. И дури и кога успеваме да живееме исполнет живот и истовремено продуктивно да контрибуираме за општеството, секогаш како нешто да недостига. Добиваме сензација на непотполност затоа што не сме фокусирани на својот живот, туку потсвесно постојано го споредуваме со животот на другите. Како им оди на другите, дали тие подобро жонглираат со обврските, дали се поисполнети, дали се среќни? Дури и во идеалните периоди од нашето постоење, тогаш кога поради сплет на околности успеваме се да ставиме под контрола, повторно нешто ни недостасува.

Епа ви нудиме интересна кратка приказна која можеби ќе ве мотивира да уживате во вашиот живот и се што сте постигнале без да се споредувате со другите за вашата сопствена афирмација.

„Група дипломирани студенти кои станале многу успешни во своите професии се решиле да го посетат нивниот поранешен професор за да му заблагодарат на животните лекции и да поразговараат. Седнале со него и како се менувале темите, бившите студенти почнале да се жалат од своите животи. Како им е премногу стресна работата, како не можат да се справат со работните обврски, како се несреќни и слично. Професорот не рекол ништо, туку само станал и отишол до кујната. Се вратил со чај и неколку шолји. Некои порцелански, некои стаклени, некои керамички, некои видливо поскапи, а некои видливо ефтини. Им рекол да се послужат. Сите си одбрале шолја со чај и тогаш професорот им рекол: Гледате како веднаш беа избрани сите убави шолји и останаа обичните и ефтини? Не велам не, сосема е нормално еден човек да го посакува најдоброто за себеси, но мораме да бидеме внимателни затоа што од таму, од таа мисла произлегуваат незадоволството, каењето и фрустрациите. Бидете сигурни дека шолјата што ја избравте на никаков начин нема да го подобри вкусот или квалитетот на чајот. Вие сите всушност сакавте чај, но потсвесно ги одбравте само убавите шолји и тогаш се завртивте да видите кој каква шолја одбрал и дали вашата може да парира. Животот е всушност чајот, а шолјите се парите, работата и позициите во општеството. Тоа се само алатки кои ни помагаат да го држиме чајот и надворешниот изглед на шолјата воопшто не го дефинира чајот внатре, односно материјалните нешта во животот не не дефинираат нас како личности и квалитетот на животот кој го живееме. И жално е тоа што понекогаш силно концентрирајќи се на тоа каква е шолјата, забораваме да уживаме во чајот.“

Вие не заборавајте да уживате во својот чај и имајте убава работна недела!

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР