Динамичното темпо на дваесет и првиот век става на дневен ред многу прашања кои попримитивниот човек никогаш не би си ги поставил себеси или на своите блиски. Сепак, со брзиот развој на нашата интелигенција во сета забрзаност да се жонглира со обврските на една успешна кариера, успешно родителство или школување, забораваме на софицистираноста, па често се наоѓаме во безизлезни полемики кои прераснуваат во препирки за банални теми. Како отмено да се исклучиме од расправиите за тековната политичка состојба или едноставно, судирот меѓу два различни вкуса? Учтивоста е клучна и тоа го докажал извештајот на двете професорки од Универзитетот во Тексас, Вангелисти и Мајденберг.
Анита Вангелисти вели „Доколку се најдеме во дискусија за брокула, тогаш кога не сме емотивно ранливи во врска со темата, можеме лесно да се исклучиме, но случајот не е ист ако некој не вовлече во расправија за нешто што ни е драго, нешто во кое веруваме, цврст став или мила личност.“
Двете професорки даваат низа совети за како да се исклучиме од несакани конфликти, секако без да се откажеме од нашите убедувања.

  • Ако сте во можност физички да ја напуштите ситуацијата (евентуално да го затворите фејсбук прозорецот), кажете нешто како на пример „Продолжувам да не се согласувам со твојот став, но преферирам да не правиме драма од тоа.“ Ова е одличен одговор, вели Вангелисти, затоа што ви дозволува да ги браните вашите ставови но повеќе да го вреднувате вашиот интегритет како учтива личност.
  • Ако веќе расправијата е во полн ек и се наоѓате во физички безизлезна ситуација каде што не би било учтиво да станете и да си заминете, пробајте суптилно да ја смените темата. Идеално, со прашување многу, многу прашања кои се фокусираат на тоа зошто вашиот соговорник размислува така. Пример: „Гледам дека многу ве загрижува тероризмот, зошто е тоа така?“ и со тоа ќе ја превртите насоката на разговорот и нема повеќе да биде околу религиски определби. Можеби звучи малку психотерапевтски но факт е дека луѓето сакаат да бидат слушани и да најдат некој што ќе ги разбере, па ако сте добар слушач, можеби од расправијата ќе излезе едно прекрасно пријателство.
  • Што ако сте стопроцентно сигурни дека информациите кои ги слушате од вашиот соговорник доаѓаат од неверодостојни извори? Тогаш, со таа карта во вашиот ракав, можете да кажете нешто како „Ве разбирам зошто размислувате така, и јас би размислувал исто доколку сум лошо информиран.“. Ова е веројатно еден од најризичните начини да спречите караница, но ако вашиот соговорник е разумен, а земаме во предвид дека имате докази и аргументи за неверодостојноста на неговите информации, тогаш би требало да го решите недоразбирањето во рекордно време.
  • Клучниот совет е да останете смирени и мудри. Достоевски вели дека оној кој умее да зборува, зборува малку. Па следејќи го рускиот великан, размислете пред да кажете нешто, имајте тврда и проверена основа на која ќе ги поставите вашите ставови, преиспитувајте ги често, останете љубопитни, но пред се учтиви. Запомнете дека во суштина, ниту еден став не е поважен од вашиот интегритет како морална и учтива личност. Никогаш не сме сигурни за нештата низ кои лицата околу нас поминуваат па најлесната работа што можеме да ја направиме е да бидеме љубезни!

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР