Барав начини да бидам искрен со себе.
Ти си одеше на сите страни од светот
со заслепувачка светлина под нозете.
Додека спиеше во прегратки
потешки од окови,
јас на твоите пресушени отсуства
им пишував писма со
празни редови воздишки
и верував дека во нив сум
кажал и премолчал сè.
Допишував тешки зборови и клетви,
скици од домови што никогаш
не ги населивме,
карти од далечни светови,
чии емигранти сме…
Светови што трпеливо чекаат
да се вратиме дома штом
спечалиме доволно
болки и разочарувања.
Со размачкано мастило и
траги од индиго,
ти пишував дека тагата
е единствениот цвет
што цвета и во зима,
безброј извинувања и завети,
нејасни и нечитливи како љубовта…
…еден непочнат живот свиткан
во прашалник,
куп недовршени мисли
и разлеани букви и зборови…
Прости ако не се чита добро,
раката на срцето секогаш
се тресе кога пишува.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваПарфем – Патрик Зизкинд
Следна објаваЦртеж за еден миг
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР