Ајде да бидеме Ромео и Јулија,
без умирање и одмазда… и без да бидеме малолетни.

Биди моја Хелена, а јас твој Парис.
Да падне Троја поради нашата љубов и себичност.

Уште подобро – ајде да бидеме Џеј и Дејзи,
но јас не сакам да сум заљубен глупак, а ти среброљубива кучка.

Ајде да бидеме г-дин и г-ѓа Дарси,
откако ќе ја надминеме гордоста и ќе заборавиме на предрасудите.

Дозволи ми да бидам Беатриче, а ти мој Данте.
Да трагаш по мене низ круговите на Пеколот, а јас да те чекам во Рајот.

Зошто не би бил Флорентино, а јас твоја единствена Фермина,
за да го издржиме тестот на времето независно изминатата младост и пропуштените шанси.

Биди ми Офелија додека јас сум твој Хамлет.
Не би ти дозволил да се самоубиеш додека желбата за одмазда и власт ми го поматуваат умот.

Но, зошто да не бидеме Дракула и Мина?
Без вампирските заби и без брачни договори.

Или повеќе би се пронашле во улогата на Ноа и Али,
барем додека не не’ удри Алцхајмер и не заборавам кој си.

А патем, да се замислиме како Јована и падре Бенџамин…
за да се сретнеме во некој нареден живот откако сме умреле во еден ист здив.

.2.

Почекај.
Како може да бидеме среќни, без оглед на препреките и предизвиците на животот кои се преплетуваат во наша насока? Како јас да те натерам да се насмееш и ти да ме усреќиш на најобичен начин? Како да те гледам во очи без да те споредам со сите изминати љубови низ времињата додека ми кажуваш дека ме сакаш? Како да го бакнам твоето лице додека ме држиш за рака? Како да живееме среќно до крајот на животот додека некоја приказна ни виси над главите како товар и тежнеење кон перфекција?

Сакам да ја живееме нашата сопствена приказна, бидејќи ниту една од овие романси ни може да се спореди со она што ние го имаме – „ние“, светот кој допрва треба да биде откриен. Светот за кој многу книги ќе се напишат…

*авторски текст

СПОДЕЛИ
Претходна објаваДетски соби со оригинален дизајн
Следна објаваVans и New Era за Kenzo
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР