На југоистокот од Франција, лоцирано е преубавото Сен Тропе. Малото место со околу 5500 жители, денес е најпопуларната и најелитната туристичка дестинација на Азурниот Брег, примамувајќи повеќе од пет милиони туристи годишно. Некогашното изолирано рибарско село, со својата светлина најпрво станува креативно прибежиште за уметниците и сликарите во 19-иот век, а во 50-тите години на минатиот век прераснува во монденско летувалиште на Француската Ривиера, благодарејќи пред сè на познатите ѕвезди од светот на музиката, модата и филмот. За нив,  Сен Тропе сè уште важи за омилена дестинација за луксузен одмор, но и за сите светски патници кои се вљубени во шармот и магијата на јужна  Франција. Секогаш блескаво, сончево и азурно, со специфична атмосфера на радост и цутење на животот, Сен Тропе се издвојува од другите, навидум слични градови, одземајќи го здивот буквално на секој чекор, било да е тоа со некое интимно катче затскриено меѓу боровите дрвја и мимозите, долгите златни плажи со мек песок на Baie de Pampelonne, стариот град со мноштво музеи, уметнички галерии и древни градби, малите пазари и паркот Place de lices, или, пак, раскошот на луксузните вили, хотели и ноќни клубови. Центарот на Сен Тропе, долж главните трговски улици оддава впечаток дека се наоѓате на огромен филмски сет, опкружени од сите страни со гламур, блескави излози на ексклузивните бутици, тераси на префинетите ресторани, скапи автомобили и многубројни луксузни јахти на античкото пристаниште, укотвени паралелно со старите рибарските бротчиња. А, кога ќе се навлезе малку подлабоко, по споредните тесни и камени  улички, меѓу колоритните фасади бојадисани во меки тонови, се открива едно сосема поинакво, сликовито место, кое автентично го негува стариот медитерански дух и традиција. Се редат низа старински уредени продавници за сувенири, пекари од кои се шири мирисот на француските бегети, мали романтични кафулиња под сенките на зеленилото. Горе, пак, се извишуваат симпатично издигнатите мали балкони, свртени со погледот кон едрелиците кои пловат по морското синило, или, пак, живописните пејсажи во далечината, додека во позадината се слуша звукот на носталгичната француска хармоника. Обединувајќи ги сите контрасти во недодоливо примамлива понуда, Сен Тропе успева да се додвори секому, и е вистински симбол за ,,уметноста на живеењето’’ под сјајот на Сонцето.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЛегенда за пријателството
Следна објаваЉубовна приказна во 85 секунди
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР