Миконос e грчки остров кој мами воздишки со својата убавина, божествените глетки, космополитскиот дух и врвниот ноќен живот. Ужива интернационална репутација како рај за хедонистите и неуморните трагачи по возбуди, привлекувајќи голем број туристи секоја година, уметници, луѓе од модната индустрија, политичари, спортисти и џет-сетери, но и сите светски патници кои низ испреплетените улички и лавиринти на Миконос, се впуштаат во безбројните изненадувања кои ги крие ова неверојатно место. Се наоѓа во средишниот дел на Егејското Море, како вистински принц на Егејот од групата на Кикладските острови, добивајќи го своето име по истоимениот лик од грчката митологија. Со површината од 105км2 е еден од најмалите, а се издвојува од останатите острови и по тоа што за разлика од повеќето градови изградени во манирот на амфитеатри на падините на брдата, градот Миконос е распослан на рамна површина, со архитектура која неодоливо потсетува на пејсаж од разгледница. Го нарекуваат ,,Бел Остров’’ поради чисто белите коцкасти куќи со балкони и бојадисани огради, преубавите древни цркви со сини и црвени куполи, шармантните таверни и работилниците за сувенири, распрснати низ тесните камени улички. Хармоничната белина рефлектира светлина која насекаде се шири, разиграна од колоритноста на прозорците, расцутените дрвја и мноштвото цвеќиња. Автентичниот островски пејсаж го дополнуваат и седумте магични ветерници на пристаништето, заедно со Малата Венеција чии куќи се издигнати веднаш над морските бранови. Најголема атракција е пеликанот Петрос, маскотата кој слободно шета низ градот пречекувајќи ги гостите. Долж брегот на југот, се менуваат златни песочни плажи со кристално чиста вода низ која јасно можат да се видат школките и разнобојните камења. Kвалитетното сместување, бројните музеи, киното под отворено небо, кафулињата, баровите, и особено клубовите со целодневните луди забави, гарантираат возбудлив завршеток на секој убаво поминат ден во прекрасниот Миконос.
Comments are closed.