Две деца водат искрен разговор пред роденден: едното го прашува другото, дали било умно за родителите да го изненадат. Другото одговара дека дури и има направено порачка, бидејќи трпеливо го чека овој период од годината. „Супер, и јас би сакал да добијам нов сет на каубојци и индијанци за мојот роденден!“, во радост извикнува првото. „Што би сакал ти оваа година?“, прашува во продолжение. „Па, јас веќе напишав листа… Принцот Каспијан, Хари Потер и Затвореникот од Азбакан ми се први… би можел во истиот пакет да ги добијам трите дела на Господарот на прстените“, срамежливо одговара другото, мислејќи дека ќе звучи нескромно. Со детска наивност, првото реагира сосема искрено: „Книги? Ти сакаш книги за роденден? … што не е во ред со тебе?“

1

Можеби не идентично искуство, ама многумина од нас библиофилите низ животот се соочиле со апсолутно неверување во нашите искрени желби за читање и нашата потреба од квалитетни четива како храна на умот. Додека ние не можеле незабележано да поминеме покрај книжарниците, како хроничен алкохоличар кој поминува покрај бар, без да влеземе и да се почестиме со некој наслов; другите околу нас уживаат во поинакви мали нешта. Што се случува кога сакате книги повеќе од било што на светот?

2

Како што растеме, созреваме и се обликуваме во комплексни личности, доживуваме разговорни искуства кои најчесто се евидентни во преференциите за книги во однос на:

– вечерни излегувања: Ве поканиле на забава? Ќе излезете само штом ги прочитате последните 15 поглавја затоа што смртно Ве интересира крајот на Вашиот нов омилен роман… што практично значи, дека вечерва останувате дома.

– модни додатоци: Зошто не си ја купите таа прекрасна рачна чанта која одговара на Вашиот нов фустан? Ах да, па таа е премногу мала. Не собира ниту една книга внатре. Не, благодарам.

– популарни серии: Сте ја прочитале книгата врз која е базирана новата култна серија? Додека превртувате со очите, самоуверено одговарате дека тоа сте го сториле пред 8 години, кога истата излезе во печат.

– патувања: Можеби случајно ја испуштивте Вашата станица? Затворајќи ја книгата, гледате наоколу во конфузија… да, дефинитивно сте минимум 3 станици подалеку од Вашата дестинација.

– бестселери: Навистина треба да ја прочитате новата книга на Ден Браун, излезе во тираж овој месец… навистина, ќе ја прочитате. За отприлика, 9 до 10 месеци, додека дојде на ред на Вашиот список.

– редовно спиење: Овие црни кесички под очите автоматски Ве предаваат за непроспиената ноќ. Додека другите ќе мислат дека страшно сте се забавувале во дискотека, Вие ќе знаете дека сте читале додека не се разденило…

– нормални разговори: Во ред, оваа книга навистина Ви оставила впечаток. Но, Вашите објаснувања со мимики, гестикулации и неочекувани врисоци реално се претерани додека сте седнати на кафе со пријателите.

– уредување на просторот: Вашите роднини Ве повикале на шопинг по нов плакар. Излегувате со нив само затоа што очајно Ви е потребна нова полица. Или евентуално, нов, поголем стан.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСпонзорирани суперхерои
Следна објаваОглас за вработување
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР