Општо-познат ни е фактот дека на светот, постојат 2 категории на луѓе: оние кои сакаат да читаат и оние кои не сакаат. Некаде меѓу нив, постои една квази-категорија, односно просек кој означува одвреме/навреме конзумирање наслови за своја душа, колку и истото да претставува реткост. Но, оваа објава нема за цел да ги дефинира разликите или да ги прикаже статистиките; оваа објава постои со цел да ги поддржи вистинките уживачи во книгите, затоа што тие навистина знаат зошто читаат. Во прилог, следува листа на бенифиции за кои навидум, човекот не размислува кога зема книга за читање. Затоа, ако сте личност која не чита, размислете за вистинките причини поради кои не читате и одбивате да го збогатите својот живот со оваа благородна навика.

1. Книгите го развиваат умот до бесконечни пространства за кои не сте ни биле свесни:

На нашиот ум му се потребни книги, исто како што на мечот му е потребно острење за да ја задржи својата намена“ – вели авторот Џорџ Р. Р. Мартин, во својата „Игра на троновите“. Со читањето се активираат мозочните ќелии, кој прочитаниот текст го меморираат и складираат за подоцна, така што секогаш Ви е достапна употреба на прочитаното. Без да читате, нема да доживеете тренирање на мозокот кое гарантира лесно помнење, така што Вашиот капацитет на меморија значително би се намалил.

2. Книгите пружаат збогатување на вокабуларот доволно за да напишете сопствена книга:

Сите писатели читаат и читаат без престан, бидејќи тоа е рецептот со кој умот се одржува во фит-состојба и така се шири сопствениот вокабулар. Доколку посакувате поубаво да се изразувате, како усно, така писмено, правец во локалната библиотека или книжарница. Сепак, колку и да се водите од правилото дека „тоа е навика која се стекнува долж годините“, никогаш не е доцна да се почне! Постепено, сами ќе се вовлечете во кругот од наслови кој нема крај и никогаш нема да зажалите. Читајте разнолико, истражувајте термини, користете неконвенционални изрази (дури и во секојдневнот говор) и ефектот ќе биде постигнат.

3. Книгите ја поттикнуваат креативноста и ги отфрлаат прангите на ограничениот ум:

Влијанието на книгите е евидентно како во Вашиот приватен живот, така и во кариерата – не само што може да Ви послужат како отскочна жица во интервјуто за работа, туку може да Ви помогнат да добиете унапредување. Прашање е како? Креативноста и восприемањето разни искуства низ страниците кои живот значат ќе Ви го дадат одговорот. Независно дали сте автор, говорник, уметник, економист, инжењер; имагинацијата која тлее во Вас и која ќе се разбуди при читањето ќе Ве поттикне да создадете нешто ново. Ќе Ве инспирира да направите нешто што никогаш не би го направиле во вообичаените рамки на живеењето.

4. Книгите се забавни во својата суштина и секогаш гарантираат уживање:

Повеќето луѓе се одлучуваат да читаат чисто за забава, додека другите предности се само пропратни придобивки – независно дали уживате во приказни за змејови, витези, принцези; или пак се возбудувате на стории за сериски убиства или заговори; или, можеби барате надеж во романтичните комедии; влегувањето во светот на книгите Ви пружа гаранција дека „оној кој верува дека се живее само еднаш, сеуште нема прочитано ниту една книга“. Соживејте се со приказната, влезете во умот на протагонистите… смејте се со нив, тагувајте, споделете ја нивната радост или нервоза, со еден збор: забавувајте се! Границите во Вашиот ум се дефинитивно проширени.

5. Книгите откриваат мудрост на рационален старец, а елан на храбро дете:

Велат, мудроста се стекнува низ годините, но не би чекале на сопствената старост кога книгите ни се дофат. Исто така, велат дека храброста на едно дете е минлива категорија во животот, но оние кои читаат, апсолутно би ја побиле оваа констатација – сите поуки и лекции, кои сме способни да ги понесеме на сопствен грб низ животот, постојат и низ безбројните страници. Со запознавањето на хероите и антихероите, сами си ги третираме сопствените доблести и мани, го извлекуваме најдоброто од себе и учиме да живееме со сопствената повеќеслојност, волја, стравови.

6. Книгите се извор на нови пријателства и неисцрпна тема за разговор:

Обожавате некој наслов/автор/жарн и ги следите сите новости поврзани за темата? Верувајте дека не сте единствени. Имено, луѓето кои ја делат страста кон книгите многу лесно наоѓаат заеднички јазик и ги шират познанствата на најразлични начини. Библиотеките, саемите на книга, книжарниците, книжевните клубови се само неколку примери каде што би можеле да сретнете многу истомисленици и ќе сфатите дека разноликоста на пасионирани читатели, всушност, претставува комплекс на едно големо семејство.

7. Книгите се најголемиот општо-познат учител:

Ако прочитате некоја добра книга чиј темел се историски факти, дефакто се инволвирате во историјата и учите нешто ново. Ако читате крими-роман чиј главен лик е форензичар, ќе дознаете многу за форензиката и методологијата на истражување, односно доколку читате научно-фантастична книга, автоматски се наоѓате во Универзумот. Истото важи и за љубовните романи, бидејќи учите за човечката психологија и ги препознавате меѓучовечките односи. Поентата е, секоја книга Ве збогатува информативно и умствено, така да, веруваме дека во секој еден од Вас лежи „читател“ – останува на Вас да го откриете во себе!

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваВо прво лице со книгите | Книжарница Paagman
Следна објаваАлфабет – полица
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР